| четврток, 6 декември 2018 |

Силувано девојче осудено на 100 камшика

Петнаесетгодишно девојче од Малдивите е осудено на 100 камшикувања поради секс пред брак. Иако девојчето било силувано од нејзиниот очув, таа добила казна од 100 удари со камшик и осум месеци во домашен притвор.Обвинителството тврди дека е обвинета поради друг инцидент, а не поради силувањето, односно дека и претходно имала секс.

Минатата година полицијата извршила истрага откако било пријавено дека девојчето било силувано од својот очув, и останала бремена. Нејзиното дете било пронајдено закопано на островот Фејду во Шивијани Атол. Но обвиненијата за тинејџерката не се поврзани со случајот на силување. Девојчето признало дека имала секс и со друг маж. Овој човек се уште не е идентификуван, и не е уапсен или обвинет. Во меѓувреме, нејзиниот очув е обвинет за убиство на бебето и ќе одлежи казна од 25 години во затвор поради осудата за силување и убиство.

Заима Нашид, портпарол на Малолетничкиот суд на Малдивите, ја бранела казната од 100 удари со камшик и осум месеци куќен притвор, тврдејќи дека девојчето признало дека сторило противзаконски акт. Таа ќе ја издржи казната кога ќе наполни 18 години, освен ако самата не побара да се изврши порано.

-Таа нема да биде камшикувана за да и се предизвика болка, туку за да го почувствува срамот кој го причинила со тоа што направила нешто што е забрането според религиските норми – рекла Заима.

Групите за одбрана на правата на човекот пак сметаат дека обвиненијата за предбрачен секс се бесмислени и не се доволни за на ова девојче да му се причини толкав срам и болка.

-Девојчето е веќе жртва и е трауматизирано, властите треба да се обидат да ја заштитат, а не да ја казнат – – вели Минакши Гангули, директор на Јужноазиското здружение за заштита на човековите права.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top