| четврток, 6 декември 2018 |

Синот Далибор тукушто го оженивме, а сега животот му виси на конец

fibraka-kisela-voda-2
– Сè уште сме во шок. Нашиот син е тешко повреден во експлозијата во фабриката во Сопиште и се молиме да преживее. Лекарите ни велат дека следните 48 часа се критични. Ни останува да чекаме и да се надеваме, но тој е силен и мора да успее -со овие зборови и со солзи во очите вчера нe дочека Никола K., татко на Далибор K. (27), еден од тројцата тешко повредени работници во експлозијата во фабриката за пиротехника во Сопиште, која се случи завчера.
Вчера го посетивме домот на Далибор во скопската населба Припор. Во куќата доаѓаа роднини и соседи, кои чуле за несреќата и се интересираа за состојбата на момчето. Таткото се пожали дека сопствениците на фабриката не ги посетиле повредените.
– Никој не дошол да ги посети повредените, ниту да ги посети родителите на повредените. Можеби ќе дојдат подоцна, но тоа досега требаше да го сторат. Далибор во фабриката работеше од октомври и се уште беше чирак – вели таткото.
Мајката на Далибор не можеше да се воздржи и постојано плачеше.
– Пред неколку месеци правевме свадба, го оженивме Далибор. На празников му се молам на свети Арангел да ни помогне и да се спаси нашето дете – плачејќи вели мајката на Далибор.
Завчера попладнето Далибор и неговите колеги Живко А.(59), Горан Ј. (39) и Злата С. (51) биле на работа во фабриката за пиротехника „Ицемак“сопственост на двајца скопски бизнисмени.
Вработената хемичарка и браварите дента биле во погонот со површина од 20 до 30 метри квадратни метри каде што работеле калапирање гази. Во еден момент дошло до искрење на некоја од газите, по што настанала експлозија и пожар. Вработената Злата, која работела како хемичарка, и нејзините колеги Далибор и Живко, кои биле бравари, односно работеле на дребонг, добиле тешки повреди. Во експлозијата полесно бил повреден Горан.
Истрагата на Трудовиот инспекторат треба да утврди дали работниците носеле соодветна заштитна опрема при работата. Според првичните информации на истрагата, причина за експлозијата не била ниту инсталацијата во фабриката ниту опремата.
Неофицијално дознаваме дека можната причина за експлозијата е искрење на предмет што го внел некој од вработените, а не смеел да го внесе. Најверојатно станува збор за запалка, но ова се уште не е потврдено. Искрите од предметот ги запалиле ватите на кои имало барут. Тие почнале да горат и да пуштаат чад, но и да развиваат огромна температура поради што не дошло до појава на пожар, туку на експлозија. Тоа што е карактеристично за случајот е што повредени се само вработените, а штета поголема во фабриката нема.
Фабриката вчера не работеше, а таму беше само чуварот, кој не сакаше да зборува. На само педесет метри од фабриката во Сопиште има повеќе куќи. Жителите се жалат дека и порано имало помали експлозии, но дека навикнале на нив.
Тие велат дека дента имало силна експлозија, а потоа и црн облак, кој се издигнал над фабриката.
Разговаравме со жена што живее во близина на фабриката. Таа ни кажа дека нејзината снаа прва истрчала во фабриката и повикала брза помош, а им помогнала и на повредените.
– Се слушна силна експлозија. Снаата Ивана, која беше дома, истрча надвор и забележа црн облак над фабриката. Веднаш истрча кон фабриката. Чуварот бил исплашен. Таа веднаш повикала брза помош, а потоа викала по соседите да дојдат и да помогнат. Ивана влегла внатре и ги видела повредените. Лелекале од болка. Сликата била страшна и сликата се уште ни е пред очи – вели Бети, која живее на само педесет метри од фабриката.
Според неа, снаата, уште една сосетка и вработен од фабриката постапиле храбро, бидејќи тие први им помогнале на повредените.

Пациентите се во критична состојба

Повредените во експлозијата вчера сè уште беа во критична состојба.
– Состојбата на тројцата пациенти сè уште е загрозена. Тие се на респиратор и ја примаат неопходната терапија за ваков вид случаи, како што се инфузии, хидрирање, обезбедување доволно течност, што е основно за да се одржат во живот – изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
Според него, двајцата пациенти се со многу тешки и длабоки изгореници од трет степен.
Со изгореници е зафатена голема површина од телото и дишните патишта. Лекарите прават максимални напори за одржување на нивните витални функции.
– Жената, која е однесена на KАРИЛ, е во многу тешка животозагрозувачка состојба, со изгореници од четврти степен. Се врши постојан мониторинг на здравствената состојба на пациентката и се прават напори за одржување на виталните функции, зашто е зафатена голема површина од телото, вклучувајќи ги и дишните патишта и други внатрешни органи – вели Тодоров.

Фабриката ги имала сите дозволи за изработка на пиротехника

Според Министерството за економија, фабриката за изработка на пиротехника „Ицемак“ поседува согласност за вршење промет на вооружување и воена опрема. Согласноста е издадена од Владата на РМ на 11 декември 2012 година, согласно Законот за производство и промет на вооружување и воена опрема.
„Во документацијата друштвото има и одобрение за производство и промет на пиротехнички производи за временска модификација, забава и обука издадено од МВР во јуни на 2009 година согласно Законот за заштита од експлозивни материи и Законот за промет на експлозивни материи, решение за вршење на дејност – промет на големо со хемикалии во посебен магацински простор издадено од Министерство за здравство во јули 2009 година како и решение за употреба на предметниот деловен објект, издадено од посебно формирана комисија од експерти и претставници од МВР и Министерството за одбрана определена од Општина Сопиште за работилници за производство на пиротехнички производи и администрација“ стои во соопштението од Министерството за економија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top