
Во рамките на манифестацијата „Топол културен бран”, која со поддршка на Министерството за култура веќе седум години се одржува во општини низ земјава, во наредните неколку дена ќе бидат реализирани повеќе културни настани.
На 26 јули, в сабота (20 часот), фолклорната група „Нафса“ од Турција и Културно-уметничкото друштво „Карпош“ пред граѓаните на општина Крива Паланка, на градскиот плоштад, преку фолклорните изведби ќе ја претстават богатата етнокореолошка традиција на оваа земја.
В недела на 27 јули во Крушево, градот на културата за 2014 година, во рамките на манифестацијата „Крушево етно град“ ќе бидат реализирани повеќе културни содржни и презентација на старите занаети и богатите обичаи од овој град. Со почеток во 12 часот во Домот на културата „Наум Наумовски-Борче“ ќе се реализира работилница и демонстрација на стариот и традиционален македонски начин на плетење и везење. Во 21 часот на градскиот плоштад ќе настапи инструментално вокалниот-чалгиски состав „Езгија“, кој пред на граѓаните на Крушево ќе изведе композиции дел од богатата македонска чалгиска музичка традиција.
Следниот ден, в понеделник со почеток во 13 часот, во рамките на манифестацијата „Крушево етно град“, во музејот „Леарница“ ќе биде отворена изложбата на старо оружје кое потекнува од крајот на 18 и 19 век. На истото место во 18 часот ќе се организира презентација на туфекџиска работилница каде ќе биде претставена изработката на пушки и други оружја. Во 21 часот во рамките на манифестацијата „Вечер на македонски староградски и изворни песни“ ќе биде отпеан дел од богата македонска изворна и староградска музика во изведба на крушевските групи „Распеани крушевчани“ и „Македониум“, како и музичките состави на пензионерските друштва „Пенка Костеска“ и „Пензионер“ од Прилеп.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


