| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Придонеси на хонорарци се плаќаат во 95 проценти од државите во Европа

груевски

Од законските измени со кои на работниците со договор на дело или авторски договор работодавецот ќе мора да им плаќа придонеси за пензиско и за здравствено осигурување ако имаат поголеми примања од минималната плата, ќе бидат задоволни голем број лица, смета премиерот Никола Груевски.

Според Груевски, измените уследиле по поплаките дека токму избегнувањето плаќање придонеси од сопствениците на компаните  е причина работниците да не добијат вработување на определено време, но и практиката за плаќање придонеси во европските држави.

– Во минатиот период забележавме и имавме поплаки од многу луѓе дека тие не добиваат вработување на определено време само со цел сопствениците на компаниите да го избегнат плаќањето на придонесите. Од друга страна, проверивме како е низ другите земји во Европа и констатиравме дека околу 95 проценти од земјите имаме ситуација во која се плаќаат придонеси на хонорарците – изјави Груевски денеска одговарајќи на новинарски прашања, по почетокот на градежните активности за проширување на булеварот „Партизански одреди“.

Ќе се воедначиме, нагласи, со најголем дел од земјите во Европа и истовремено ќе ја скратиме можноста за многу луѓе да не можат да добијат договор на определено време само затоа што нивните работодавци сакаат да избегнат плаќање на придонеси. – На тој начин дојдовме до идеја да се донесе овој закон и мислам дека ќе биде на задоволство на огромен број луѓе, кои поради оваа причина сè уште не се вработени – рече Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top