Министерот за надворешни работи Никола Попоски синоќа за време на Трансатлантската вечера во Рим го запознал новиот државен секретар на САД Џон Кери со придонесот на Република Македонија во мировните мисии предводени од трансатлантската заедница во Ирак, Авганистан, Либан, Босна и Херцеговина…
– Во можноста да поразговараме малку на маргините на вечерата го запознав државниот секретар Кери со напоритe кои Македонија во изминатиот период ги има вложувано преку конкретно присуство во рамки на НАТО предводните мисии било да се работи за Ирак, Авганистан или некои други, вели шефот на македонската дипломатија.
Попоски посочил дека Македонија продолжуваме да дава придонес и во услови на одложено формално членство во НАТО и во ЕУ. Тоа, истакнал, е доказ повеќе за одлучноста на граѓаните на Република Македонија да опстојат на патот за промоцијата на мир и просперитет во регионот и глобално, и оти толку искрен и конкретен придонес, како македонскиот, не смее да не биде вреднуван.
Инаку, на вечерата, организирана во чест на американскиот државен секретар Кери, од страна на италијанскиот министер за надворешни работи Џулио Терци ди Сант Агата, покрај вообичаениот формат на учество на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на НАТО и ЕУ, беа поканети Република Македонија и Швајцарија, како и високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Кетрин Ештон и генералниот секретар на Алијансата Андерс Фог Расмусен.
Главни теми на разговор беа безбедносните предизвици и ситуацијата во Сирија, значењето на трансатлантските односи, релациите помеѓу Америка и Европа и долгорочните цели кои треба да бидат остварени.
– Клучниот заклучок во дискусиите водеше кон тоа дека најголем тест за глобалниот кредибилитет на трансатлантската заедница е секако во поглед на тоа како се справува со предизвиците во своето најблиско соседство. Од тој аспект принципиелноста во проширувањето мислам дека е таа која определува колкава привлечна сила има трансатлатнската заедница и денес. Мислам дека беше добра можност да размениме мислење за она што следува во следниот период и како можат да бидат заокружени процесите кои досега се покажале како најуспешни, а тоа се процесите на ширење на полето на мир и стабилост преку интеграција во евроатлантските структури, рече Попоски.
Додаде дека една од предностите е и фактот што државниот секретар Џон Кери има определен период од својот живот поминато во Европа, што е добар познавач на ситуациите и на европскиот менталитет и оти од тој аспект сигурно во САД постои високо ниво на посветеност да се заокружи процесот на проширување и да се посвети поголема енергија кон оние стратешки предизвици на долг рок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Метју Палмер во Сараево: Македонија може да стане членка на НАТО до средината на 2020 година
-
Пендаровски: Од јануари очекувам да бидеме на иста маса со НАТО
-
Не се очекува земјите од Алијансата да распоредат ново нуклеарно оружје во Европа
-
Захарова: НАТО му ветил на Горбачов дека нема да се шири кон исток