| четврток, 6 декември 2018 |

Васко Наумовски нов преговарач за името

Д-р Васко Наумовски е новиот македонски преговарач за името, дознава ТВ Алфа од високи извори во преговарачкиот процес. Наумовски бил назначен на новата функција на денешната седница на Влада, а информацијата ја потврдија и од Кабинетот на претседателот Иванов.

vasko naumovski

Наумовски, кој е новиот македонски амбасадор во САД, ја презема функцијата од десегашниот преговарач и ексамбасадор во Вашингтон, Зоран Јолевски кој е вршител на должноста министер за одбрана во Владата на РМ.

Васко Наумовски со ова станува 4-от преговарач за името во досегашната историја на преговорите. Втор кој паралелно ќе ја врши амбасадорската функција во САД, и како преговарач за името. Прв македонски преговарач беше Иван Вања Тошевски, следуваше Никола Димитров и Зоран Јолевски како претходник на Наумовски.

Наумовски е познат како поранешен вицепремиер за евроинтеграции, должност која ја вршеше во периодот на седмата Влада на РМ, во периодот од 2009 до 2011-та година.

Неговото назначување доаѓа пред најавената посета на медијаторот Метју Нимиц, најавена за крајот на јули.

Наумовски е роден во 1980 година во Скопје. Дипломирал на Правниот факултет “Јустинијан Први“ во Скопје, насока меѓународно право. Магистрирал на Рајнскиот Универзитет “Фридрих Вилхелмс“ во Бон, Германија, а магистрирал и на Правниот факултет “Јустинијан Први“ во Скопје, на теми од областа на интеграцијата на Република Македонија во ЕУ.

Во 2008 година докторирал на Правниот Факултет “Јустинијан Први“ во Скопје на тема од областа на влијанието на европските институции и проширувањето на Европската Унија со државите од Западниот Балкан. Од 2005 година работи на “Њујорк Универзитетот Скопје“, на Факултетот за меѓународни односи, политика и европски студии, кадешто во 2008 година бил избран во наставно – научното звање доцент по меѓународно право и право на ЕУ.

Автор е на повеќе научни трудови од областа на европските интеграции и меѓународното право. Учествувал на голем број меѓународни научни конференции, а реализирал и подолги студиски престои во Европа и САД. Во текот на додипломските и последипломските студии бил добитник на стипендии од германската фондација “Конрад Аденауер“, а бил добитник и на стипендија за студиски престој во САД од американскиот Стејт Департмент. Зборува англиски, а се служи со германскиот јазик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top