
Британскиот премиер Дејвид Камерон денеска го предупреди рускиот претседател Владимир Путин дека ЕУ е подготвена да воведе уште построги санкции кон Русија, затоа што, според него, проруските сепаратисти го собориле авионот на „Малезија ерлајнс“, во кој загинаа 298 лица.
– Русија треба да знае дека доколку радикално не го промени своето однесување ќе следат нови мерки од наша страна – рече Камерон.
Британскиот премиер, кој вчера телефонски зборуваше со францускиот претседател Франсоа Оланд и со германскиот канцелар Ангела Меркел, изјави дека санкциите можат да ги опфатат високотехнолошките индустриски стоки со двојна намена, што можат да се користат и за воени цели.Тој, меѓутоа, не сакаше да даде други детали од разговорите.
Камерон изрази надеж дека Русија „ќе направи се што е неопходно за проруските сепаратисти во источна Украина да го дозволат пристапот до местото на несреќата на авионот со цел да се направи детална истрага“.
Тој, исто така, побара „да запре пренесувањето оружје и војска преку границата и да прекине руската поддршка за бунтовниците.
– Тоа се нашите барања и тие треба да се исполнат, потенцира британскиот премиер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


