| четврток, 6 декември 2018 |

„Скопјанизација“ на Македонија – сите во Скопје, скопјани на село

Пред десет години земјиште во Сопиште се продавало за 10-20 евра за квадратен метар, во зависност од тоа дали се наоѓа над улицата или под неа, во прв или во втор ред. Сега земјиштето од 10 евра може да се купи по цена од 40-45 евра за квадратен метар. Населението вели дека во периодот додека сѐ уште се користеле марки, се продавала земја и за една марка од квадрат

Живеев во мало место со три деца. Таму не гледав иднина за нив. Кога стигнаа до средно образование, сфатив дека две од нив ќе отидат на студии, а по неколку години ќе треба да го пратат и третото дете. Веќе пројавуваа желби за професии за кои нема големи можности надвор од Скоп­је. Ми изгледаше дека селењето во Скопје е најдобар избор. Имав можности веднаш да најдам работа и за мене и за сопругата. Иако цела година размислував дали да го направам тоа, на крајот се одлучив да се преселам за доброто на своите деца. Денес, веројатно, мене најмногу ми недостига родниот крај и би се вратил назад. Децата завршија со студии и сега работат. Го направив вистинскиот чекор – коментира шеесетгодишниот Зоран М., кој пред 18 години се преселил во Скопје.

Со сличен став се многумина. Некои имаат можности да се преселат, некои немаат. Но, оние што доаѓаат на студии се решени да останат во главниот град. Велат дека нема перспектива надвор од Скопје.

– Завршив студии и веднаш барав работа за да останам во Скопје. Да се вратев во Крива Паланка по студиите, ќе работев во некоја фирма за 10.000 денари, што таму се смета за добра плата. Но, мислам дека тоа не е вреднување на мојот труд и на мојата диплома. Во Скопје работам за 30.000 денари. Трошоците се поголеми, но и можностите се поголеми – вели 26-годишната Марија М.

Во Скопје, според Државниот завод за статистика, во 2013 година се доселиле 2.324 жители. Голем дел од тие што најголем дел од годината поминуваат во Скопје се водат со живеалиште во местото од каде што потекнуваат. Скопје за нив е привремено живеалиште. Тие не се дел од статистиката на доселени во главниот град. За многумина, велат, студиите се причина за доселувањето во Скопје. Доаѓаат да студираат, се привикнуваат на животот тука и остануваат. За да се спречи тоа масовно одење во главниот град, но и да се овозможи студии и за тие што не можат да си дозволат живот во Скопје за време на студирањето, беа отворени дисперзирани студии во повеќе градови. Но, интерес за студии во родното место нема. Од 6.150 слободни места за упис, се запишале само 2.875 студенти.

– Дојдов во Скопје за да се омажам, по грешка завршив и факултет – на шега коментира 27-годишна штипјанка, која не крие дека кога дошла на студии во Скопје, била решена дека ќе се омажи тука и тука ќе остане, што, всушност, и се случило.

 

Паланка, Кратово, Берово – сите во Скопје

Статистиката вели дека во Скопје во 2013 година официјално се доселиле 2.324 нови жители, а се отселиле само 645. Во главниот град дошле најмногу кумановци, тетовци, велешани, битолчани… Од Крива Паланка минатата година се иселиле 73 жители, од кои 40 се доселиле во Скопје. Триесет и тројца кратовци од 73 што решиле да го напуштат градот решиле да дојдат во Скопје. Петнаесет од 37 жители што го напуштиле Македонски Брод се преселиле во Скопје, а на таков чекор се решиле и 31 од 112 иселени светиниколци и 36 од 98 иселени беровци.

Од општините каде што има албанско население, главно се населуваат во Бутел и во Гази Баба, додека, пак, од македонските општини изборот е Аеродром, Карпош или Кисела Вода.

 

Скопје не нуди квалитетен живот

Професорот Илија Ацевски од државниот Институт за социологија во Скопје вели дека за многу кратко време ќе се иселат од Скопје тие што финансиски можат да си го дозволат тоа.

– Тоа, главно, ќе бидат луѓе над 50 години или пензионери што бараат поквалитетен живот, што Скопје не го нуди. Сега сите средини околу Скопје се убави, урбанизирани со водовод, струја и подготвени за луѓе што сакаат помирен живот. Битно е психолошки да се подготвиш за тоа дека сакаш таков живот – вели професорот.

Тој нагласува дека најголемата миграција од село во град се случувала во 70-тите и во 80-тите години на минатиот век. Преселбата од провинција во Скопје сѐ уште трае затоа што Скопје не нуди квалитетен живот, но нуди поголема шанса за подобра и поплатена работа. Според професорот, провинцијата секогаш била запоставена и секогаш има поделба на Скопје и останатиот дел.

 

Се иселиле 645 скопјани

Од Скопје се иселиле 645 жители, главно во Куманово – 69, Свети Николе – 43, 42 заминале во Желино, а 35 во Охрид. Наспроти „скопјанизацијата“ на Македонија, односно желбата и потребата на сите да дојдат во Скопје, скопјани имаат желба да избегаат од градот. Податоците на Државниот завод за статистика вели дека 161 скопјанец минатата година решиле да отиде на село, а од село во град 119 лица. Во останатиот дел од земјава доминираат миграциите село-град. Во пелагонискиот регион лани од село во град се преселиле 170 жители, а од град во село само 83. Во источниот регион од град во село отишле да живеат 79 лица, а 177 од село се преселиле во град. Во североисточниот регион соодносот е 163 преселени од село во град, наспроти 89 што од град отишле да живеат на село. Скопјани најмногу се селат во блиското Сопиште, Горно и Долно Соње, Злокуќани, Бардовци, Зелениково, Волково, Визбегово. На село најмногу бегаат жителите на Аеродром, Центар и на Карпош.

Tema97-2

 

Десетте евра за квадрат се претворија во 45 евра

Иако статистиката вели дека во Сопиште во 2013 година заминале само 16 скопјани, градоначалникот на оваа приградска општина, Стефче Трпковски, вели дека поголем дел од преселените не се со жителство во таа општина.

– Не можеме да зборуваме за точен број на доселени од главниот град поради тоа што поголем дел од нив се со официјално жителство во Скопје. Сепак, најголем дел од времето го поминуваат во Сопиште или во Горно и Долно Соње. Бегаат од загадениот воздух во текот на зимата и од врелиот асфалт во летниот период. Бројот на жители постојано се зголемува, што, секако, има и добра и лоша страна – коментира Трпковски.

Тој нагласува дека се наметнува потребата од урбанизација на населбата, се зголемува бројот на жители, како и купопродажната цена на куќите и на земјиштето. Сепак, додава градоначалникот, просторот се презаситува, се појавува потреба од поголема атмосферска и фекална канализација, како и поголема побарувачка на вода и на електрична енергија.

– Работиме на подобрување на инфраструктурата. Со таа цел е почната и изградбата на патот до Скопје преку Водно, што, всушност, ќе биде втора артерија која ќе нè поврзува со центарот на главниот град. Во септември минатата година донесовме нов урбанистички план. Таков план требало да се направи многу порано. Сега работиме на урбанизација на 400 хектари. Оди бавно, но се реализира. Мора да се земе предвид дека сме мала општина, со мала администрација. Предвидена е изградба на детска градинка, трговски центар, отворање супермаркети, подобрување на условите во училиштето. Морам да нагласам дека екстерното тестирање покажа оти имаме квалитетен кадар во училиштето – додава Трпковски.

Пред десет години земјиштето се продавало за 10-20 евра за квадратен метар, во зависност од тоа дали се наоѓа над улицата или под неа, во прв или во втор ред. Сега земјиштето од 10 евра може да се купи по цена од 40 до 45 евра за квадрат. Населението вели дека во периодот додека сѐ уште се користеле марки, земја се продавала и по една марка за квадрат. Тогаш немало ниту вода, ниту струја, ниту канализација. Но, цената полека растела, а особено имала скок по асфалтирањето на улицата, каде што главно се сконцентрирани новите куќи.

 

Охриѓани ја напуштаат државата

Од Охрид во 2013 година се иселиле 766 жители. Шеесет и петмина од нив за ново место на живеење го избрале Скопје. Но, од иселените во земјава останале само 275, а 535 охриѓани се преселиле во друга земја.

 

– Местото е мирно, далеку си од скопскиот хаос. Тивко е, а воздухот е поинаков. Живеев во Центар, па промената е огромна. Проблеми со струја и со вода немаме. Тоа што ме нервира е што комуналиите на оваа улица, каде што главно се направени новите куќи и се доселени новите жители, се двојно повисоки од комуналиите што ги плаќаат жителите од другите делови од Сопиште – коментира 60-годишниот скопјанец што со семејството е преселен во Сопиште пред неколку години.

Tema97-3

Во Злокуќани, пак, пред 10 години земјиште се продавало по 30 евра за квадрат. Денес цената за квадрат во ова село достигнува и до 100 евра.

Александар Ивановски е еден од скоп­јаните што го напуштаат градскиот живот и се препуштаат на селскиот, помирен живот. Вели дека се одлучил на таков чекор поради две причини – потрага по мир и финансии.

– Живеев во Тафталиџе. На 30 години решив да направам куќа во Бардовци. Ме натера преголемата урбанизација. Старите убави маала изумираат. Се губи старото Тафталиџе. Премногу бетон и згради. Градат во паркови, се уриваат куќи, се креваат високи згради наоколу. Маалата се уништуваат. Едноставно во потрага по мир и тишина, решив да се преселам во Бардовци. Пресудна беше и цената. Да направиш куќа во Бардовци чини колку да купиш помал стан во Центар – вели триесетгодишниот скопјанец.

Голем е бројот и на тие што се решаваат да живеат и подалеку од Скопје. Заминуваат на село и живеат сосема поинаков живот.

– Имам пријател што заврши факултет, беше вработен и реши да оди на село, во Паланечко. Почна да сади зеленчук, да одгледува домашни животни, да произведува сирење. Да можам, и јас би заминал да живеам во некое подалечно село или помал град и секој ден би патувал на работа и би се враќал дома. Да се направи автопатот, би купил стан или куќа во Свети Николе и таму би живеел. Помирен живот, поевтино, почист воздух – коментира 33-годишниот Глигор.

 

(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 97. број на неделникот „Република“, 11.07.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top