| четврток, 6 декември 2018 |

Путин: Русија повеќе од кој било друг е заинтересирана за прекин на немирите во Украина

vladimir-putin

Русија повеќе од која било  друга земја е заинтересирана за прекин на крвопролевањето во Украина, изјави рускиот претседател Владимир Путин на прес-конференција во бразилскиот главен град.

– Русија има многу голем интерес овој конфликт да заврши брзо. Не знам дали постои друга земја освен Русија и Украина, која има толку голем интерес од прекинот на крвопролевањето и од стабилизирање на ситуацијата кај нашиот сосед. Русија во Украина има многу пријатели. Ние имаме посебни односи со Украина на историски план. Таму живеат многу руски граѓани. Треба се да направиме за итно да прекине воениот конфликт, истакна Путин, зборувајќи за украинската криза.

Тој изрази жалење што Контакт групата за Украина не одржала средба.

Путин потенцира дека „оние, кои ја поттикнуваа Украина кон ваков развој на настаните и кон ваква криза, сега не треба да ја префрлаат одговорноста за трагичните случувања во оваа земја врз туѓ грб и не треба да заборават дека нивните раце се извалкани со крвта на војската, на бунтовниците и на цивилите“.

Рускиот претседател побара да прекинат воените дејства и сите страни во конфликтот во Украина да започнат преговори, изразувајќи жалење дека според него САД ги поттикнуваат актуелните власти во Украина да продолжат со братоубиствената војна.

Путин ги коментираше и новите американски санкции против физички и правни лица, меѓу кои се и „Газпром“ и рускиот нафтен гигант „Росњефт“. Според него, санкциите имаат ефект на бумеранг и без сомнение ќе ги доведат руско-американските односи во безизлез, причинувајќи сериозни штети.

На прес-конференцијата рускиот претседател изрази задоволство од неговата посета на неколку латиноамерикански држави – Куба, Никарагва, Аргентина и Бразил, која, како што рече, имала за цел развој на односите со перспективни земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top