| четврток, 6 декември 2018 |

Незаборавен концерт на Благој Нацоски во Џенова

Под името “Седум песни од светлина и прав” македонскиот тенор Благој Нацоски одржа концерт во монденскиот локалитет Санта Маргерита Лигуре (вила Дурацо) во Џенова, како дел од италијанско-македонската вечер посветена на 20-годишнината од воспоставување на дипломатските односи помеѓу Република Македонија и Италијанската Република. Во својство на Амбасадор на Културата на Македонија тој е и коорганизатор на концертот кој е дел од програмата за меѓународна афирмација на Министерството за Култура за 2014 година. Иако официјално Италија ја призна независноста на РМ во 1993, италијанската амбасада во Скопје е отворена во 1994 година. Периодот на одржување на концертот е неслучајно избран токму овој месец, односно на почетокот на италијанското претседателство со Европската Комисија. Нацоски за овој настан нарача да се напише и специјално дело од композиторот Анџело Инглезе, на стихови од Никола Маџиров.

7clp

Се работи за циклус од седум песни на Маџиров, претворени во музика и тоа за камерен состав: два гласа, кларинет, виолина, виолончело и пијано. Циклусот кој трае триесетина минути ќе биде изведен, се разбира, на македонски јазик, и е наречен токму “Седум песни од светлина и прав”. Во останатиот дел од програмата ќе бидат изведени и италијански дела од дваесетиот век, како и македонски дела од Прокопиев, Фирфов и Зографски (по повод 80год. од неговото раѓање).

Македонските дела ќе ги изведат гости на Нацоски, а ќе настапат Адријана Јоција – сопран, Луиџи Скифано – контратенор, Елена Бакјарело – кларинет, Константин Чобану – виолина, Џакомо Бјаџи – виолончело и самиот композитор Анџело Инглезе на пијано. Концертот беше најавен и на националната ТВ Раи 3 каде гостуваше нашиот тенор.

Како што ветив пред неколку дека барем еднаш годишно ќе одржувам концерт во Италија или во други земји изведувајќи македонски автори, а овој концерт има и два новитета. Имено, ќе се изведе дело на македонски јазик, но од странски автор, и вториот новитет е што македонските арии ќе ги пејат мои колеги италијанци. Во македонскиот дел од програмата неслучајно ставив и дело од Томислав Зографски, како еден омаж кон него по повод 80-годишнината од неговото раѓање. Го избрав регионот Лигурија овој пат, односно Џенова, поради фактот што во овој дел на Италија живеат само неколку македонски иселеници и малку се знае за Македонија, а градот претставува едно од најважните пристаништа во Европа и е крстосница на многу туристи, но и изобилува со културна традиција”, изјави Нацоски.

По овој концерт Нацоски ја продолжува својата меѓународна солистичка активност со доста набиена агенда. Најпрвин кон крајот во август ќе дебитира во Прага, по што ќе следуваат настапи во Бангкок, Пиза, Трст, Токио, Монтевидео, Амстердам.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top