| четврток, 6 декември 2018 |

Поскапува летувањето во Грција

одмор

Зголемениот број туристи во Грција летово ги охрабри хотелиерите да ги зголемат цените и да го надоместат загубеното од минатата година.

Статистичките податоци, пак, покажуваат дека само во  јули цените во хотелите во Грција пораснале за 13,5 проценти споредено со истиот месец минатата година. Цените сигурно ќе растат и во наредните месеци ако се оствари прогнозата дека годинава во Грција ќе престојуваат 21 милион гости. Тоа, пак, би изнесувало 10 отсто зголемување во однос на лани.

Грчките туристички работници очекуваат годинава да остварат најмалку 13 милијарди евра.

Повисоките цени кои се регистрирани во хотелите го алармира Министерството за туризам на Грција, кое на почетокот на овој месец предупреди на опасноста од растот на хотелските цени, а според грчките медиуми лично и премиерот Андонис Самарас интервенирал кај Сојузот на туристичките работници.

Претседателот на Сојузот на туристички работници, пак  Андреас Андреадис се обидува да ги релативизира работите.

– Хотелските цени се еднакви на понудата и на побарувачката. Растот на цената просечно расте во врвот на сезоната –  потенцира тој.

Секако не може да се исклучи информацијата дека одредени хотелиери на водечките туристички дестинации, како што се Миконос и Санторини, многу ги зголемија цените.

Во главниот град на Грција, Атина, исто така, се очекува значително зголемување на цените.

Од Сојузот потенцираат дека треба да се има на ум дека минатата година како резултат на кризата, цените во Грција забележаа пад од 50 отсто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top