| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува извлекувањето на бродот „Коста Конкордија“

Извлекувањето на остатоците од луксузниот италијански брод „Коста Конкордија“, кој пред повеќе од две и пол години доживеа несреќа кај островот Џилио при што загинаа 32 лица, ќе започне денеска и ќе биде исклучително ризична операција
имајќи ја предвид големината на крузерот.

Планирано е во оваа операција, која би требало да трае околу шест дена, бродот тежок 114.500 тони да се подигне, а потоа да се одвлече до бродоградилиштето во кое е произведен во 2006 година.

– Најкритичната фаза ќе биде првиот ден, кога бродот првпат ќе биде поткренат. Никогаш претходно немало обид за извлекување на толку голем патнички брод, изјави шефот на операцијата, Јужноафриканецот Ник Слоун, за кого ова е најголемиот предизвик во неговата кариера.

Според најлошото сценарио, некои предупредуваат дека бродот при поткревањето би можел да се распадне, при што неговите ’рѓосани внатрешни делови би се растуриле низ Тосканскиот архипелаг.

– Станува збор за „пловечки град“ направен за илјадници патници, со огромен број литри загадувачи како што се масла, прашоци за перење и отпадни хемикалии, кои се уште се наоѓаат во неговата внатрешност, предупредува Џорџија Монти од еколошката организација „Гринпис“, која ќе има свој набљудувачки тим за време на операцијата.

Бродот, кој пред две и пол години се насука и преврте, беше подисправен во септември минатата година и моментално се наоѓа потпрен на огромна подводна платформа.

За време на оваа фаза од операцијата целиот поморски сообраќај во зоната ќе биде блокиран. Трошоците за извлекувањето на потонатиот брод досега се проценети на околу 1,1 милијарда евра.

Луксузниот брод, двапати поголем од „Титаник“, удри во карпа во близина на малиот остров Џилио во јануари 2012 година. Со него патуваа 4.229 луѓе од 70 земји. Против капетанот на „Коста Конкордија“, Франческо Скетино моментно се води судска постапка под обвинение дека предизвикал бродолом и го напуштил бродот пред сите патници да бидат евакуирани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top