| четврток, 6 декември 2018 |

Први затворски казни за хаваријата на „Коста Конкордија“

Еднаипол година по хаваријата на бродот за крстарење „Коста Конкордија“ на затворски казни се осудени четворица членови на екипажот и еден менаџер на бродското претпријатие. Италијански суд денеска (20.07.) пресуди дека меѓу друго, тие се виновни за убиство од небрежност. Сите петмина обвинети пред судот во Гросето делумно признаа дел од вината, за да ги ублажат казните. Судот ним им одреди релативно благи казни – затворски казни во траење од 18 до 34 месеци. Во кругови на правосудните органи се вели дека ниту еден од осудените нема навистина да оди во затвор: Имено пократките затворски казни би можеле да бидат заменети со условни казни. Адвокатите на жртвите беа разочарани од пресудата.

Процесот против капетанот на бродот Франческо Скетино се води одвоено. Неговите бранители понудија дека ќе прифатат затворска казна од три години и пет месеци. Ова меѓутоа судот го одби. Скетино со ова е единствениот обвинет во главниот процес. Тој е обвинет дека извршил маневар преблиску до брегот и пред судот треба да одговара за убиство од небрежност и прерано напуштање на бродот. Доколку биде осуден, според неговиот адвокат, му се закануваат до 20 години затвор.

При хаваријата на 13. јануари 2012 година на бродот „Коста Конкордија“ имаше околу 4.200 патници. Бродот заринка на брегот на Тоскана, пред островот Џиљо. Во несреќата 32 луѓе го загубија животот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top