Извор | „Си-Ен-Ен“
Додека Германија, Русија и САД беа главни нации во подем во 1914 година, моќта денес се менува од глобалниот север кон југот на азиските земји, особено Кина, примарните корисници досега. Исто како и пред 100 години, геополитичките тензии се зголемуваат како ревизионистички нации, вклучувајќи ги и Кина и Русија, главните предизвици на меѓународниот поредок предводен од САД. Ова делумно се води од зголемувањето на економската моќ која ги воскреснува национализмот и барањата за ресурси, за што сведочат повеќе спорови меѓу Кина и соседните земји во Јужно Кинеско Море.
Подемот на Кина
Ако досега фокусот во 2014 година беше припојувањето на Украина кон Русија, сирискиот конфликт и подемот на исламските екстремистички групи ИСИС во Ирак, сега тоа е, можеби, Азија, каде што постојат тензии и несигурност во однос на потенцијалот за голема борба за моќ.
Неверојатниот подем на Кина го вознемирува регионот, всушност голем дел од светот. И опасностите од грешки се зголемуваат, делумно поради военото зајакнување.
Во почетокот на оваа година, јапонскиот премиер Шинзо Абе повлече паралела меѓу геополитичкиот пејзаж во Азија денес и Европа во пресрет на војната во 1914 година.
Покрај тоа, филипинскиот претседател Бенињо Акино неодамна направи споредба меѓу тоа што тој тврди дека било рекорд на Пекинг во воинствено однесување и германската експанзија во 20 век, со тоа што тој отворено праша „во кој момент се вели дека доволно е доволно“. Во Азија, потенцијалните предизвикувачи на голем конфликт за моќ го вклучуваат и зголемувањето на тензиите меѓу Јапонија, со која САД имаат безбедносен договор, како и Кина. Друго можно жариште е Тајван, повторно сојузник на САД, врз кого Кина бара суверенитет иако островот е управуван одделно уште од кинеската граѓанска војна во 40-тите години на минатиот век.
Уништени децении
Тие ризици се реални и значајни. Сепак, постојат клучни разлики меѓу светот денес и светот во 1914 година, кој водеше голема војна за моќ без изгледи за догледна иднина.
Релативната рамнотежа на моќ денес е променета, делумно,
поради отпорната моќ на САД
Ендру Хамонд
Тоа, пред сѐ, е така бидејќи спомените од Првата и од Втората светска војна избледуваат бавно. Првата светска војна со право е опишана како најголемата епохална катастрофа на 20 век од страна на американскиот дипломат Џорџ Кенан, кој подоцна стана архитект на американската „стратегија за задржување“ за време на Студената војна.
Освен милионите човечки жртви во периодот од 1914 до 1918 година, војната предизвика верижни настани кои го разоруваа светот и во следните децении. Тука се вбројува појавата на комунизмот во Русија и – според тврдењата на историчари – подемот на нацистичка Германија и никулците на Втората светска војна.
Друга голема разлика меѓу сегашноста и 1914 година е присуството на нуклеарното оружје, кое, како и за време на Студената војна, главно, служи како сопирачка за голем конфликт на моќта.
Тука вреди да се спомене дека и ревизионистичките нации, вклучувајќи ги и Кина и Русија, како статус кво моќниците САД и Франција, поседуваат нуклеарен арсенал.
Друга значајна промена е што денес, за разлика од 1914 година, постои голема мрежа од поствоени меѓународни институции – посебно во САД – кои децении по нивното основање покажуваат огромна отпорност и легитимитет.
И додека овие органи се несовршени и потребно е да се реформираат, факт е дека, главно, ја овозможуваат меѓународната безбедност, посебно кај петте сили (САД, Русија, Обединетото Кралство, Кина и Франција), сите членки на Советот за безбедност на ОН.
Освен тоа, релативната рамнотежа меѓу двете најголеми сили денес е различна од таа во 1914 година. Впрочем, разликата меѓу САД и Кина денес е поголема од таа меѓу Обединетото Кралство и Германија пред 100 години.
„Американски век“
Најголемата последица од Првата светска војна, најверојатно, беше зачетокот на т.н. американски век кога САД се издигнаа на пиедесталот како најголема светска сила.
Сепак, САД бележат релативен пад, додека се предвидува дека Кина годинава ќе прерасне во најголема светска економија според паритетот на куповната моќ.
Меѓутоа, САД и натаму се пред Кина во поглед на националната сила и воената моќ, а се чини дека таа предност ќе ја задржат и во следните години.
За разлика од Обединетото Кралство во 20 век, постојат показатели дека моќта на САД ќе остане отпорна во следните децении на 21 век благодарение на „енергетската револуција“ на земјата, која има далекосежни геополитички последици, меѓу кои и можност на сопствена енергетска презаситеност.
Генерално гледано, иако нова голема војна не е невозможна опција, изгледите за тоа да се случи во догледна иднина се помали од тие пред 100 години.
Релативната светска рамнотежа на моќ денес е различна, пред сѐ поради отпорноста на моќта на САД.
Освен тоа, нуклеарното оружје и меѓународните институции што не постоеле во 1914 година, посебно ОН, претставуваат сопирачка за големи конфликти.
Десет толкувања за тоа кој е виновен за Првата светска војна
Извор: „Би-Би-Си“
Кој е виновен за Првата светска војна е прашање околу кое се кршат „академски копја“ и 100 години по нејзиното завршување, а „Би-Би-Си“ ги пренесува мислењата на 10 европски историчари, а најголем дел од нив ги обвинуваат Германија и Австро-Унгарија, но некои и Русија, Франција, Британија и – Србија.
Сер Макс Хејстингс смета дека ниту една нација не заслужува да ја носи целата одговорност за избувнувањето на војната, но Германија тоа најмногу го заслужува.
Според неговите зборови, само Германија имала моќ да го запре влегувањето во катастрофа во кој било момент од јули 1914 година со повлекување на поддршката на Австрија за напад на Србија. Истакнувајќи дека аргументите против Србија не го убедија, Хејстингс вели дека не верува ни во тоа оти Русија сакала европска војна во 1914 година бидејќи руските лидери знаеле дека ќе бидат во многу подобра борбена позиција две години подоцна откако ќе го комплетираат процесот на вооружување.
Професорот по историја на Кембриџ, сер Ричард Џеј Еванс, е уверен дека Србија е главниот виновник.
– Србија има најголема одговорност за избувнувањето на Првата светска војна. Српскиот национализам и експанзионизам биле најдлабоките вознемирувачки сили, а српската поддршка на терористите „Црни раце“ била крајно неодговорна постапка. Австро-Унгарија има многу помала одговорност поради паничните и претерани реакции по убиството на наследникот на хабсбуршкиот престол – вели тој.
Според Еванс, Франција истовремено ја охрабрувала агресијата на Русија кон Австро-Унгарија и кон Германија, додека Британија не беше посредник, како за време на балканската криза, стравувајќи од европските и од светските амбиции на Германија.
Д-р Хедер Џонс мисли дека Австро-Унгарија, Германија и Русија се главни виновници, чиишто воинствени политички и воени лидери ја предизвикале Првата светска војна.
– Убиствата на личности со сина крв биле доста вообичаени пред 1914 година и обично таквите настани поминувале без последици. Но, австроунгарските воени соколи – главните виновници за конфликтот – го виделе убиството на надвојводата Франц Фердинанд и неговата сопруга во Сараево, кое го извршил босански Србин, како изговор да ја освојат и уништат Србија, нестабилна соседна земја со амбиции за ширење надвор од своите граници, на австроунгарска територија. Србија, исцрпена по двете балкански војни, 1912-13 година, во кои ја имаше главната улога, не сакала да војува во 1914 година – вели Џонс.
Според неа, големата европска војна е последица на поддршката на германски политички и воени личности кон сојузникот Австро-Унгарија во нападот врз Србија, што, пак, ја вознемири Русија, која ја поддржуваше Србија и која ја стави својата војска во борбена состојба уште пред да бидат исцрпени сите можности за постигнување мир.
Професор Џон Рол мисли дека Германија и Австро-Унгарија се виновни нагласувајќи дека Првата светска војна не избувнала случајно, а ниту, пак, поради режија на дипломатијата, туку како резултат на заговор од страна на владите на империјалистичките Германија и Австро-Унгарија, кои се надевале дека Велика Британија нема да се меша во конфликтот.
Рол, професор на Универзитетот во Сасекс, потсетува дека во тој момент веќе 25 години на престолот на Германија бил цар Вилхелм Втори, автократ кој бил уверен дека е „германски бог“ и кој, заедно со дваесетина соработници, проценил дека е добар момент за војна бидејќи тогашниот статус кво во Европа, според него, како и за Австро-Унгарија, бил понижувачки и неодржлив.
– Пролетта 1914 година мала група луѓе во Берлин решиле да „скокнат во мрак“ бидејќи знаеле дека поддршката на австрискиот напад врз Србија сигурно ќе доведе до тоа – нагласува тој.
Професорот на Универзитетот во Штутгарт, Герхард Хиршфелд, смета дека одговорноста ја делат шест земји: Австро-Унгарија, Германија, Русија, Франција, Британија и Србија.
– Долго пред појавата на непријателството, пруско-германските конзервативни елити биле убедени дека европска војна би помогнала во исполнувањето на германските колонијални амбиции за војна и политички престиж во светот – вели германскиот професор.
Одлуката да се почне војна поради релативно малата меѓународна криза, каков што бил сараевскиот атентат, е пакосна смеса од погрешни политички процени, страв од губење на престижот и тврдоглава посветеност на сите страни кон многу сложен систем на воени и политички сојузи меѓу европските држави.
Д-р Аника Момбауер верува дека Австро-Унгарија и Германија се главните виновници.
– Војната не беше случаен инцидент и јули 1914 година можеше да се избегне. Во Виена, владини и воени лидери сакаа војна со Србија. Непосредната реакција за убиството на Франц Фердинанд на 28 јуни 1914 година беше да бараат надомест од Србија, за која се мислеше дека стои зад заговорот за убиство и дека се ѝ заканува на позицијата на Австро-Унгарија на Балканот веќе извесно време. Клучно е дека дипломатската победа се смета за безвредна… на почетокот на јули, луѓето кои одлучуваа во Австрија избраа војна – вели Момбауер.
За да го направат тоа, им беше потребен нивниот главен сојузник, Германија, која веднаш понуди безусловна поддршка и ја притисна Виена да ја искористи нејзината „златна шанса”: и двете влади беа речиси сигурни дека Русија ќе ѝ помогне на Србија и дека тоа ќе се претвори во локален конфликт во Европа, но тие беа подготвени да го преземат ризикот.
Како што забележува Момбауер, австроунгарскиот ултиматум до Србија од 23 јули намерно е направен да биде неприфатлив затоа што Германија и Австро-Унгарија сметаа дека имаат „совршен момент“ – иако подоцна излезе дека тоа е почетокот на нивниот пад.
Шон Мекмикин од Универзитетот во Истанбул, како и неговиот колега од Штутгарт, ја смета за виновна „шестката“, составена од Австро-Унгарија, Германија, Русија, Франција, Велика Британија и Србија.
– Во човечката природа е да се бараат едноставни, задоволителни одговори, па затоа тезата дека Германија е виновна за војната постои и денес – вели тој.
Според него, Првата светска војна не би избувна доколку Германија не ја поддржела Австро-Унгарија, но, исто така, точно е дека без терористичките заговори во Белград ни Германија ни Австро-Унгарија не ќе морале да се соочат со страшниот избор.
Мекмикин верува дека Германија и Австро-Унгарија се обиделе да го „локализираат” балканскиот конфликт, но Русија и Франција го претвориле конфликтот во европска војна, а, пак, влегувањето на Велика Британија во светска војна.
– Русија, а не Германија, прва го почна мобилизирањето – вели тој и заклучува дека војната во која Франција и Велика Британија ги поддржаа Србија и Русија против централните сили е исходот што го посакувала Русија, а не Германија. Завојуваните пет големи сили, заедно со Србија, го ослободија Армагедон.
Професор Гари Шефилд ги обвинува Австро-Унгарија и Германија.
– Војната ја почнаа лидерите на Германија и на Австро-Унгарија. Виена ја искористи шансата со убиството на надвојводата за да се обиде да го уништи својот ривал на Балканот, Србија. Тоа беше така, иако сите знаеле дека заштитникот на Србија, Русија, нема да остане на страна и дека сето тоа може да доведе до општа европски војна – вели Шефилд.
Германија се обидела да го прекине француско-рускиот сојуз и била целосно подготвена да ризикува за да влезе во голема војна. Некои претставници на германската елита го поздравувале можниот почеток на една експанзионистичка, освојувачка војна, додава тој и вели дека Русија, Франција, а подоцна и Британија само реагирале во одбрана -најдобро што може да се каже за германските и за австриските лидери во јулската криза е дека тие злосторнички го ризикувале светскиот мир.
Д-р Катрина Пенел, исто така, ги обвинува Германија и Австро-Унгарија, чиешто политичко лидерство и дипломатија мора да го носат товарот на одговорноста за ширење на балканските конфликти во Европа, а подоцна и на Втората светска војна.
– Германија, која страдала од комплексот „младо дете“ во семејството на европските империи, видела можност да ја реконструира рамнотежата на моќта во своја корист преку агресивна војна на освојување – вели Пенел.
Како што истакнува таа, не смее да се потцени ни улогата на австроунгарската империја затоа што ултиматумот до Србија од 23 јули бил формулиран така што било невозможно да се прифати.
Австро-Унгарија ѝ објавила војна на Србија на 28 јули, точно еден месец по атентатот, а по еден ден Русија наредила мобилизација…
Професор Дејвис Стивенсон како главен виновник ја смета Германија, за која вели дека го носи најголемиот дел од одговорноста, со тоа што ја поддржала Австро-Унгарија да ја нападне Србија, иако знаела дека конфликтот ќе ескалира.
– Без поддршката на Германија, Австро-Унгарија не би постапила така драстично – убеден е тој.
Тие, исто така, почнаа пошироко европско непријателство со ултиматумот до Русија и до Франција, како и фактот дека тие објавија војна кога ултиматумот беше одбиен – всушност лажен изговор дека француските авиони го бомбардирале Нирнберг. И, на крај, прекршија меѓународен договор по освојувањето на Луксембург и на Белгија знаејќи дека тоа подоцна сигурно ќе ја вовлече и Велика Британија.
Според Стивенсон, германската одговорност не е единствена затоа што Србија ѝ приреди голема провокација на Австро-Унгарија, па и на двете страни им беше потребен вооружен конфликт. Иако централните сили ја презедоа иницијативата, руската влада, со охрабрување од Франција, беше подготвена да одговори. Одговорноста на Велика Британија, според Стивенсон, е повеќе пасивна отколку активна.
Во Првата светска војна, повеќе од 70 милиони луѓе беа под оружје, загинаа повеќе од 15 милиони, 20 милиони беа повредени, а директните учесници во војната доживеа масовно уништување.
(Текст објавен во 96. број на неделникот „Република“, 4.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Вучиќ: Немаме планови за војна, но не го признаваме Косово
-
Се запали црвениот аларм: Американскиот систем на тревога ДЕФКОН очекува можна нуклеарна војна!
-
Шефот на германската дипломатија предупредува на сериозна опасност од војна во 2018 година
-
Американскиот генерал Роберт Нелер порача: Ќе има војна!