| четврток, 6 декември 2018 |

Реис Реџепи: Манипулатори мавтаа со арапски знамиња

 реис
– Јас лично повеќе би ги мавал лицата што манипулираат со протестите отколку да го изразувам гневот кон полицијата – реагира вчера поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема Сулејман Реџепи за случувањата на неодамнешните протести по изрекувањето на судската пресуда за случајот „Монструм“.
Во неговата изјава, која вчера беше објавена на интернет-страницата на весникот на албански јазик „Коха“, а која ја пренесува Дневник, тој остро и категорично ги осудува манипулациите што се појавиле на протестите.

– На протестите во Скопје имаше премногу хорор. Видовме странски знамиња со арапски текстови, кои не и припаѓаат на нашата нација, нашата држава, па дури и на нашата вера. Тоа беа знамиња на обични манипулатори. Зошто е потребно знамето на Саудиска Арабија да се вее пред носовите на македонските полицајци. Јас не верувам дека арапската држава ќе им дозволи да манипулираат со националното знаме. Таквите лица, без сомнение, се вклучени со цел да се девалвира национален или верски протест – потенцира Реис Реџепи.

Тој истовремено предупредува дека е „многу ризично“ да се организираат протести чиј организатор не се знае и стануваат девалвирачки и штетни.

Ова е прва ваква остра реакција од духовниот водач на ИВЗ за протестите за овој случај, но и за другите. Познато е дека на повеќе досегашни протести на граѓани со исламска вероисповед биле истакнувани знамиња на исламски земји и со натписи на арапски јазик. Но немало реакција од реисот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top