Фудбал, сокер, калчо… наречете ја оваа популарна игра како сакате, но некои работи на сите им беа заеднички: спортистите кои лебот го заработуваа со шутирање на топка често навистина имаа креативни фризури, ако тоа може така да се нарече, а копачките беа исти – црни. Тоа е тоа.
Со текот на годините, фудбалот поминуваше низ разни модни трендови, од кои многу треба да останат длабоко закопани во минатото.
Постарите навивачи се сеќаваат на супер кусите шорцеви кои делуваа повеќе како реквизит за плажа отколку за активно бавење со спорт, младите навивачи навикнати на тесни дресови не можат да веруваат дека некогаш популарни биле надуваните, како и украдените дресови од постариот брат. Како некому му текнало да дизајнира дресови за три броја поголеми од потребните, ретки луѓе ова ќе го сфатат. Само не можеме да се надеваме дека надуваните дресови и штуцните со линии нема да доживеат своја ретро фаза.
Од друга страна, копачките, за глезените или со метален врв, фиксирани или со крампони што се менуваат, Адидас, Хумел, Пума, Гола, Валспорт… речиси секогаш беа црни.
Првите модели, преправани од работнички чевли, со заковани клинци биле кафени, но секако првите мачиња се фрлаат во река.
Ако овогодишното Светско првенство во Бразил нешто ни покажа, тоа е дека црни копачки носат фудбалските судии и веројатно хипстерите, но нив секако никој не ги сфаќа сериозно.
Изгубена битка
Класичната црна кожа, можеби со некоја линија или прошарани со некое лого, копачките ја изгубија битката со синтетичките разнобојни копачки. А разнобојни е благ збор. Спортските компании за описот на своите копачки користат имиња на бои за кои ни добар дел од жените никогаш не слушнале. За машките навивачи, навикнати на основната палета на бои, имињата како земјено зелена, соларна пот, призма виолетова, металик виолетова и други, звучат како нешто од СФ филмовите.
Како главен виновник за популаризирање на шарените копачки многумина го сметаат италијанскиот шминкер Марко Симоне, кој во финалето на тогашниот Европски куп во 1995 година за својот Милан против Ајакс настапи во бели копачки. Освен бели на терените повремено можеле да се сретнат по некои црвени копачки.
Сепак, напаѓачот на Милан не е прв кој одел против традициите. Во обид да се пробие на британскиот пазар, германската компанија Хумел, во почетокот на 70-тите години на Алан Бало на Евертон му платила да носи бели копачки, кои не биле најдобро прифатени.
Причината зошто морало да се чека на средината на 90-тите години од минатиот век за да се покрене боење на копачките лежи во материјалите.
Основен материјал за копачките била кожа од кенгур, која тешко се бои за да не се наруши интегритетот на материјалот. Производителите по некогаш додавале по некој детал, посебно обоено парче кожа која би ја разбила црната боја, но копачките и понатаму во основата биле црни.
Синтетички материјали
На радост на кенгурите, поранешниот фудбалер Австралијанецот Крег Џонстон за Адидас кон крајот на 80-тите години ги дизајнираше сега веќе легендарните Предатор копачки, кои освен кожа имаа и синтетички компоненти наменети за подобра контрола на топката при шутирање.
Со воведување на синтетиката во производството на копачки во светот се отвори врата за бои какви не можеме да видиме ни во виножитото.
Една од тие беа сино-сребрена на Наик Меркуриал копачките кои во 1998 година на Светското првенство во Франција ги заносе бразилскиот напаѓач Роналдо, кој е прогласен за најдобар играч на првенството.
Освен синтетичките материјали и широката палета на бои, 90-тите години донесоа уште еден револуционерен детал на копачките: округлите крампони биле заменети со крампони во форма на мали сечива, со што се подобрила стабилноста и тракцијата на копачките.
Од 90-тите па до Мундијалот во Бразил, Адидас, Наик, Пума и други компании на сите можни начини се обидувале да го свртат вниманието на моделите кои ги носеле славните спортисти, така розовите, златните, во линии, силно жолти… копачките го преземале приматот на терените.
Пума отишла чекор подалеку, па нивните фудбалери носат копачки во посебни бои – десната е обоена со светло сина, а левата со розова боја.
Токму поради сите тие експлозии на бои се поставува прашањето дали шарените копачки даваат предност во дуелите, т.е. дали интензивните бои го одвраќаат вниманието и им пречат на одбранбените играчи.
Поранешниот напаѓач на репрезентацијата на Србија, Марко Пантелиќ ширум Европа ги тресеше противничките мрежи, а како што самиот вели секогаш носел бели копачки. Меѓутоа, смета дека нема врска која боја се копачките.
Или си мајстор, или не си!
– Или си мајстор, или не си. Или знаеш да играш, или не знаеш – рече Пантелиќ. Ако знаеш да играш, бојата на копачките не претставува никаква разлика.
Тој потенцира дека изборот на копачки во разни бои е во корист на маркетингот. – Ако фирмата работи добро, тогаш има оправдување за таквиот потег.
Како играч на средината на теренот на клубо Железничар, Муамер Сврака редовно се впушта во дуели со противничките играчи, како во одбрана така и во напад.
– Мене лично копачките во разни бои не ми го одвлекуваат вниманието. Можеби на некого му пречат, но мене апсолутној не ми пречи каква боја имаат тие – рече Сврака.
Кога станува збор за боите Сврака вели дека играл и во црни копачки, но и во копачки со разни бои. – За мене лично не е важна бојата на копачките, важен ми е квалитетот – рече тој. Од друга страна, на дежурните виновници за поразот на саканите тимови и национални селекции, на фудбалските судии, копачките во живи бои создаваат дополнителен проблем при судењето.
Проблеми кај судиите
Мирослав Витковиќ, контролор на судење во Хрватска во фудбалската лига и на меѓународни натпревари, ги наведе проблемите на судиите.
– Шарените копачки на теренот секако ги отежнуваат пресудите на судиите. Посебно тоа се однесува на помошните судии каде некогаш и сантиметри одлучуваат дали е корнер или не е. Во секој случај не е едноставно кога на топката одат двајца играчи со четири различни бои на копачки – рече Витковиќ. – Сето тоа секако ги отежнува одлуките и на главниот судија, но не во толкава мера. Најлошо е кај некои т.н. флипер ситуации, како што ги нарекуваме ние, кога не се знае чија е топката. Сепак, најтешко им е на помошните судии кај позицијата офсајд – оцени меѓународниот контролор на судења.
За носталгичарите и поконзервативните навивачи останува надеж дека производителите на спортска опрема ќе се заситат од силните бои, па на терен ќе ги вратат ретро црните копачки.
Муамер Сврака рече дека него црните копачки му будат носталгија: – Посебно црните адидас копачки, со бели линии. Веднаш потсетуваат на тој поранешен фудбал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


