Агенцијата за храна и ветеринарство летово со полни раце работа. Инспекторите го чешлаат трговците со храна, да утврдат дали и колку се почитуваат прописите за безбедност при продажба на производите. Месецов под мониторинг бил Охридско- струшкиот регион, минатата недела Дојран. Утврдени се низа неправилности, имало и затворени локали.
–Во Дојран имавме 25 контроли, од кои 17 се хотели и ресторани, 8 се продавници, 200 килограми месо запленивме поради несоодветно означување, и 10 килограми млечни производи. Изрековме 3 глоби во висина од 13 илјади евра“, вели за Лидер Абдулезел Догани , заменик директор на Агенцијата за храна и вeтеринарство.
-Во Охрид и Струга пак извршивме 120 контроли, издадовме 32 решенија за недостатоци, 6 објекти привремено затворивме заради неисполнување на хигиената и изрековме 3 глоби, едната од 5.000 и две по 1.500 евра за нехигиена, несоодветни декларации“, вели Догани.
Со високите температури се зголемува и ризикот од консумирање на храна која лесно се расипува. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека инспекторите се постојано на терен, контроли има, но сепак предупредуваат да се внимава при изборот на храна.
–Имаме високи температури и затоа се зголемува можноста за консумирање на храна која што е небезбедна, односно се зголемува можноста за инциденти поврзани со човечкиот фактор. Искуството од претходните години покажува дека во делот на угостителството во летниот период има зголемени случаи на инциденти поради непочитување на хигиенските постапки односно не соодветно чување на храната или суровините од кои се изготвува храната“ додава Догани.
Од Агенцијата за храна информираат дека во летниот период ќе има зголемена контрола на туристичките места, односно во објектите каде што се подготвува и служи храна. Потенцираат дека на пазарите има состојба на несоодветно чување на храната односно директно изложување на сонце, при што можноста за расипување е голема.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.