Од ноќеска на полноќ пуштени се во употреба алтернативните извори на вода во Куманово, односно бунарите кои обезбедуваат додатни литри вода за високите градски зони, јави „Кумановски муабети“.
Оваа промена се случува откако вчера на состанокот во Министерството за земјоделие помеѓу директорите на двете водоснабдителни претпријатија беше договорено да се нормализира водоснабдувањето во градот.
– Бунарите од ноќеска ги полнат резервоарите разместени на четири различни локации во градот, и постепено ќе бидат пуштени за употреба на граѓаните во високите градски зони до утре – соопштува директорот на ЈП Водовод, Горан Стојковски.
Граѓаните во Куманово веќе половина месец живеат без вода за пиење и за основни човечки потреби. На вчерашниот состанок е договорено и до среда да се одреди единствена цена на сировата вода. Како што рече Стојковски, договорената цена не би се движела повеќе од 3, 3 денари.
– Ние како јавно претпријатие сме спремни дури да понудиме и 4 денари, но, тоа да не биде на штета ниту на Водовод, ниту на „Кумановско-Липковско Поле“ – вели Стојковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.