Досега има значителен интерес за различните позиции кои се бараат на двата огласи за ангажирање лица на раководни и нераководни позиции и за советници во повеќе области што ги објави Кабинетот на премиерот на Република Македонија.
Огласите се објавени на 27 минатиот месец, а заинтересираните ќе може да аплицираат електронски до 14 јули 2014 година.
Во однос на за ангажирање на лица на раководни позиции има најголем интерес за Странски инвестиции – нерезидентни промотори, поддршка на домашната економија, човечки ресурси и протокол. Во однос, пак, на позициите за советници најголем интерес има за Советник за економија, претприемништво, индустрија и иновации, Советник за култура, Советник за правосудство и администрација и Советник за политички прашања. Вкупната бројка на пријавени од ден на ден постојано расте.
На огласите се бараат лица за раководни и нераководни позиции од областа на странски инветиции, поддршка на домашната економија, човечки ресурси, протокол и право.
На нив може да се јават сите заинтерсирани кои поседуваат квалитет, способност, кои веруваат во себе и кои ценат дека можат да придонесат во реализација на реформите и владините политики и проекти.
Бројот на лицата кои ќе се ангажираат на раководни и нераководни позиции не е лимитиран со огласот и ќе зависи од преференциите на апликантите, односно од проценката на нивниот квалитет, способноста која ќе ја демонстираат и образованието, како и вештините кои ќе ги докажат во процесот на селекција.
Според огласот, кандидатите за странски инвестиции треба покрај обазованието да имаат и најмалку пет години работно искуство. Во областа на поддршката на домашната економија и за човечки ресурси се бара од кандидатите да имаат петгодишно работно искуство, за протокол три години работно искуство и за правниците 10 години работно искуство.
Задолжително е познавање англиски јазик, а за предност ќе се смета познавањето други странски јазици, особено од официјалните јазици на ЕУ и ОН.
Со вториот оглас се бараат советници за политички прашања, ЕУ, надворешни работи, животна средина, рударство и минерални суровини, култура, економија, претприемништво, индустрија и иновации, земјоделство, правосудство и администрација, енергетика, транспорт и врски, информациони технологии и телекомуникации и за локална самоуправа.
Ангажирањето на новите лица е во функција на проширување на човечкиот потенцијал на Кабинетот на премиерот со цел реализација на владината програмата за периодoт 2014-2019.
На двата огласи може да се пријават сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат критериумите од огласот, а ќе бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет.
Владата ги охрабрува да се пријават лицата кои своето образование го комплетирале на еден од рангираните 100 универзитети, односно првите 200 Универзитети од техничките науки согласно Шангајската листа, за кои Владата дава и стипендии, како и сите кои го завршиле своето образование на универзитетите во земјава со просек поголем од 8,5.
Процедурата за апликација е идентична за двата јавни повика. Се аплицира единствено по електронски пат преку интернет страната на Владата на Република Македонија. Кандидатите и во двата случаја треба да приложат и тоа по електронски пат: пополнета електронска апликација, лична биографија на кандидатот (не подолго од 5 страници), мотивациско писмо (не подолго од 2 страници) и дипломи и сертификати.
Освен за Канцеларијата на претседателот на Владата во тек се повеќе јавни повици за позиции и тоа: повик распишани од Владата за раководни позиции во државната управа и за членови во управните и надзорните одбори, потоа од Собранието на РМ кој распиша оглас за ангажирање лица за повеќе јавни функции како и оглас за пројавување на интерес за раководни позиции кој се распиша од градот Скопје. Се работи за значителен број на атрактивни позиции кои предизвикуваат интерес ка граѓаните.
Премиерот Груевски ваквиот транспарентен начин го најави пред еден месец во Универзалната сала.
– Токму затоа наша темелна заложба е политиката на отворени врати, на постојано кадровско освежување, на прибирање на нови кадри кои имаат знаење, волја и потенцијал да се докажуваат. Тоа се покажа како исклучително добар метод на работа, кој дава резултатите, каде се јавува конкуренција помеѓу најдобрите и луѓето кои се на позиции се држат на постојан штрек дека доколку не го даваат максимумот ќе бидат заменети со подобри, но исто така им се дава шанса и на образованите и стручните оние кои политиката не секогаш им била најјаката страна, и претежно се посветиле на усовршување на професијата и своето време го трошеле да станат подобри во својата професија, истакна тогаш премиерот Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.