Раде Шербеџија е добитник на наградата „Актер на Европа 2014“ што ја доделува Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“, кој од 6 до 11 јули се одржува во Ресен.
Фестивалот „Актерот на Европа“ беше покренат во 2003 година од неколку балкански и европски театарски сонувачи, во духот на мислата на Жан Моне – да се гради Европа значи да се гради мир.
Досегашни добитници на наградата се Љуба Тадиќ од Србија, Мариус Куркински од Бугарија, Бајруш Мјаку и Ѓорѓи Јолевски од Македонија, Моника Санторо од Италија, Костас Гакидас од Грција, Зијах Соколовиќ од Босна и Херцеговина, Роже Мирмон од Франција, Брус Маерс од Велика Британија, Ана Патерсон од Шведска. На фестивалот досега учествувале повеќе од 120 претстави од речиси сите европски земји.
Фестивалот се одржува во организација на „Езеро без граници“, Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА и Општина Ресен, а со поддршка на Министерствот за култура на Република Македонија.
Фестивалското жири го сочинуваат Мето Јовановски – претседател на жирито, Мартин Кочовски и Весна Гаврил.
Свеченото отворање на фестивалот ќе биде со доделување на наградата на Шербеџија. Поезија на трите јазици на езерото ќе читаат специјални гости: Димитри Оргоцка – Албанија, Криса Јоаниду – Грција, Мето Јовановски – Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.