По оперативната акција „Компас“ што ја реализираше МВР, a во којашто е разбиена десетчлена организирана криминална група инволвирана во вршење криминални активности поврзани со изработка на лажни веб-страници – фишинг и кражба на податоци од платежни картички, од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗЛП) предупредуваат за поголема внимателност и свесност на граѓаните.
– Во оваа акција не се засегнати македонски граѓани, но ДЗЛП апелира секој граѓанин да ја почитува листата на препораки и да ги следи инструкциите од Дирекцијата за да биде информиран – истакна на денешната прес-конференција директорот Димитар Ѓеорѓиевски.
Дирекцијата за заштита на лични податоци денеска ќе објави уште една листа на препораки за тоа што е најважно за граѓаните на РМ да бидат информирани за ваков вид измама од којшто може да настрадаат нивните сметки или друг вид механизам со кој можат да бидат оштетени.
– Најновата акција на МВР, всушност, е и прв ваков оперативен зафат за таканаречен „фишинг“ што означува еден вид измама што опфаќа збир на неовластени активности на социјалните медиуми насочени кон кражба на идентитет и лични податоци, а со цел остварување на одредена имотна корист – истакна Ѓеорѓиевски.
Тој упати апел секој граѓанин на РМ за каков било совет да се упати до Дирекцијата, а особено во врска со можните измами на социјалните мрежи.
– Дирекцијата за заштита на личните податоци има своја база преземена од МАРНЕТ, така што сите оние субјекти регистрирани со домен што на крај завршува со „мк“ можеме да ги провериме во истиот момент, бидејќи тоа е наша законска обврска. Прашањето е за сите оние коишто во доменот завршуваат на скратеници „ком“ или некој друг тип коишто се надвор од подрачјето на покривање на институциите на Република Македонија – рече Ѓеорѓиевски.
Тој, исто така, соопшти дека на денешната собраниска седница е усвоен извештајот за работата на Дирекцијата за 2013 година кога биле поднесени вкупно 404 претставки од граѓани и посочи дека расте свесноста кај граѓаните за злоупотребите на социјалните мрежи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.