Промо и букинг агенцијата „Фреш јунион“ (Fresh union) ја одбележува првата декада на успешна работа, оставајќи зад себе повеќе од сто успешни организации на музички настани низ земјата. Своите десет години постоење, „Фреш јунион“ ќе ги прослави со уште еден голем музички хепенинг, нудејќи и на својата публика тридневно музичко искуство со едни од најпознатите македонски, балкански и светски музички имиња.
Прославата започнува вечерва со извонредните „Суперхикс банда инструментале“, кои ќе го започнат овој квалитетно исполнет викенд во летниот ноќен клуб „Позитив“ во Битола.
На истото место, веќе следниот ден, 5 јули, доаѓаат уникатните „Бед копи“, а вечерта со свои сетови ќе се претстават и диџеј Чваре и дицеј Чико. Неделата е резервирана за еден од најбараните диџеи и продуценти во регионот, Дејан Миличевиќ од Белград. За уште подобра атмосфера и загарантирано добра музичка ноќ, во ноќниот клуб „Позитив“, покрај Милиќевиќ со свои сетови ќе настапат и домашните диџеи Горан Тех, Дејан Декс, Ацика и К.Петровски.
И покрај бројните ограничувања наметнати од страна на условите во кои се развива нашата земја, особено кога станува збор за музичка сцена, „Фреш јунион“ успева да создаде место, а нејзиниот начин на функционирање е придружен со повеќе од солидни резултати. Во своето богато резиме, „Фреш јунион“ со гордост застанува позади успешните музички фестивали и настани, кои позитивно влијаеле врз културата и оформувањето на младатите во публика со пребирлив и истенчен вкус.
Во изминатите десет години организирани се над сто концерти, журки и фестивали каде се донесени над педесет странски имиња и над педесет домашни изведувачи низ целата земја, меѓу кои и Дејвид Моралес, „Ван Гог“, Хенри Сајз, Ернан Катанео, Крис Лејк, Сенди Ривера, Пако Осуна, „Партибрејкерс“, „Дубиоза колектив“, „С.А.Р.С.“ и многу други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.