Во околу 20 примероци на вода од јавните водоснабдителни објекти во селата во Кумановско има отстапувања во однос на бактериолошкиот и хемискиот состав, информира Центарот за јавно здравје. Земени се 274 примероци за хемиска и бактериолошка анализа во селата од општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане.
– Во однос на испитаните параметри за бактериолошка исправност на водата за пиење, дваесетина примероци вода не одговараат на законските и стручните барања и тоа поради докажано присуство на колиформни бактерии и бактеријата ешерихија коли – индикатор на фекално загадување на водата. Во однос на физичко-хемиските параметри, 104 примероци на вода не одговараат на законските барања поради покачени концентрации на нитрати – изјави Мимоза Величковска, специјалист по хигиена од Центарот за јавно здравје.
Центарот за јавно здравје во рамки на надзорот за безбедноста на водата за пиење од селските бунари и чешми извршил испитување на 122 примероци од селата во Куманово, 66 од Старо Нагоричане и 52 од општина Липково. Биле испитувани и примероци од 30 индивидуални објекти. Оваа година во надзорот првпат биле вклучени и селата Умин Дол, Брзак и Пчиња кои целосно се снабдуваат со вода за пиење од индивидуални бунари.
– За да се спречи бактериолошкото загадување на водата, а со тоа и последиците по здравјето на корисниците, потребно е да се воведе континуирана дезинфекција на водата во секој локален, селски јавен водоснабдителен систем – истакна Величковска.
Водата за пиење од ЈП „Водовод“ е исправна за пиење, информираат од Центарот за јавно здравје. Досегашните анализи кои ги спроведуваат Центарот, интерната лабораторија на претпријатието и Институтот за јавно здравје-Скопје покажуваат дека микробиолошкиот и хемискиот квалитет на водата се исправни.
– Освен редовни анализи, согласно законската регулатива, се спроведуваат и дополнителни испитувања, така што не постои шанса неисправна вода да протече низ цевководот, објасни Величковска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


