Од утре, први јули, цената на струјата за домаќинствата ќе се зголеми најверојатно за 3,4 отсто и еден киловат-час во скапа тарифа наместо сегашните 4,05 денари ќе чини 4,19 денари, пишува Дневник. Вакви се пресметките на Регулаторната комисија за енергетика, испратени до трите енергетски компании со кои денес ќе одржи подготвителна седница по која ќе бидат објавени официјалните цени што ќе важат до јули наредната година. Од новото зголемување, 1,5 отсто ќе им припаднат на „Електрани на Македонија“, 0,6 отсто на преносниот систем-оператор МЕПСО и 1,3 отсто на „ЕВН снабдување“.
Пресметките покажуваат дека ако едно домаќинство месечно троши 500 киловат-часови електрична енергија, од кои 200 киловат-часови во скапа и 300 во евтина тарифа, со новото зголемување сметката, со вклучени 33 отсто за ангажирана моќност и 18 отсто ДДВ, ќе се зголеми за околу 75 денари.
Новина од јули ќе биде тоа што процентот за ангажирана моќност од 33 отсто веќе нема да се искажува одделно во сметките, туку ќе биде вклучен и искажан во цените.
Иако енергетските компании бараа поголем процент на зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата, сепак, РKЕ пресмета дека со оваа корекција ќе се покријат нивните трошоци за следната година. Kај ЕЛЕМ процентот на зголемување се должи, пред се, на трошоците врзани за рудникот за јаглен и другите инвестиции, кај МЕПСО на зголемени трошоци за откуп на струјата од обновливи извори за кои важат субвенционирани цени, а кај ЕВН поради почнатиот процес на либерализација, односно фактот дека 220 поголеми компании од април струја набавуваат на слободниот пазар така што веќе не учествуваат во супституирање на цената за граѓаните.
Ист процент на зголемување ќе добијат и малите и средните компании, кои сега плаќаат речиси двојно поскапа струја отколку домаќинствата, но таа за нив ќе важи само до јануари в година, од кога и тие излегуваат на слободниот пазар. Имено тие до 15 ноември ќе треба да се определат за некој од снабдувачите со електрична енергија, а според најавите, цените што ќе им бидат понудени ќе бидат за околу 30 отсто пониски од сегашните. Иако според податоците на Државниот завод за статистика на крајот на ланската година во Македонија имаше 71.290 активни правни субјекти, сепак се проценува дека не повеќе од 30 отсто од нив ќе бидат заинтересирани да излезат на слободниот пазар, бидејќи огромен дел од регистрираните фирми во суштина работат во станбени објекти (свои домови или станови под кирија) за кои и не плаќаат „индустриска“ струја.
Ако некои од нив до предвидениот рок не се определат за свој снабдувач, ќе продолжат да добиваат струја од „ЕВН снабдување“ во краен случај, но тоа за нив ќе биде понеповолно, бидејќи сегашните цени ќе бидат повисоки од тие што ќе им ги нудат компаниите што имаат лиценци за снабдување.
Годинава, и покрај либерализацијата, која во многу земји донесе огромни скокови во цените за домаќинствата, кај нас поволно беше што ланската година, врз база на која се прават пресметките, во земјава имавме намалена потрошувачка на струја, намален увоз и згора на тоа и цените на струјата на берзите за електрична енергија беа ниски.
Извештајот за работата на РKЕ за лани, испратен за усвојување во Собранието, покажува дека минатата година вкупната потрошувачка на струја била за 3,19 отсто пониска отколку во претходната година, просечната цена на електричната енергија од увоз за задоволување на потребите на тарифните потрошувачи била за 24,4 отсто пониска отколку во 2012 година, а вредноста на енергијата набавена од ЕВН за потребите на тарифните потрошувачи во 2013 година била пониска во споредба со таа во 2012 година за дури 61,28 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.