| четврток, 6 декември 2018 |

Спасени давеници во Охрид

ohrid1Со показна вежба за спасување давеници од чамец и од педалинка денеска во Охрид беше заокружена серијата обуки на Црвениот крст Охрид, Граничната полиција, како и на припадниците на Охридската територијална противпожарна единица кои ги спроведуваа инструктори од Операцијата „Флоријан“ од Манчестер, Англија.

Според симулираната вежба, во Охридското Езеро се преврте чамец во кој имаше тројца млади кои меѓусебно се расправаа. Двајца од нив беа пасивни давеници, а третиот активен давеник. Нив ги извлекоа единиците за безбедност на вода при Црвениот крст од Охрид.

Во исто време се случуваше и паѓање на деца од педалинка. Кон нив се упатија припадниците на Езерската полиција со нивни пловен објект и ги извлекоа безбедно. Педалинката беше прифатена од Капетанијата на пристаништа која објектот го отстрани од местото на несреќата.

– Тоа се мали  сценарија кои во комуникација со сите останати надлежни институции во летниот период ќе ги имаме многу. Се надевам дека  и ова лето ќе помине без  големи последици и жртви како што беше и во текот на изминатите три години. Во тек се заеднички активности на Црвен крст Охрид и Операцијата „Флоријан“ од Манчестер, Англија, кои се насочени кон спроведување  обуки за спасување на вода и укажување прва помош по највисоките светски стандарди, изјави Сашо Точков, претседател на Црвениот крст од Охрид.

Обуките се под водство на инструкторите за безбедност на вода и за прва помош од Операција „Флоријан“ и се спроведуваат секоја година преку Црвениот крст од Охрид.

– Пред секоја сезона Црвениот крст во соработка со противпожарната единица, со инструкторите на Операцијата Флоријан, со Итната медицинска помош, со Граничната, односно Езерската полиција, со Капетанијата на пристаништа во Охрид врши подготовки со цел ефикасно да се справи со сите предизвици кои ни претстојат во текот на оваа летна сезона. Се обидовме да покажеме се она што може да се случи. Ги опфативме и пловните објекти педалинки и превртувања на чамец, укажувања на прва помош со дефибрилатори. Луѓето од сите институции се подготвени најефикасно, по сите светски стандарди да укажат прва помош и да извлекуваат давеници од води, појасни Точков.

Според заменик-командирот на Охридската територијална противпожарна единица, Горан Маркоски, и охридските пожарникари се подготвени да делуваат во вакви акции.

– Охридската територијална проптивпожарна единица е една од ретките во Македонија, ако не и единствена, која располага со дефибрилатор. Подготвени сме, не само за гаснење пожари, туку за сите технички интервенции. Секогаш сме во служба на граѓаните, рече Маркоски.

Виктор Копитски, инструктор од Операцијата „Флоријан“, смета дека охридските спасувачи и од Црвениот крст, и од останатите надлежни служби, се подготвени во секој момент да спасуваат човечки животи.

– Во текот на последните пет години колку што соработуваме со охридскиот Црвен крст се повеќе и повеќе сум импресиониран од нивните способности. Црвениот крст неуморно работи на стекнување и применување на сите техники за спасување по светските стандарди, истакна Копитски.

Првиот случај на извлекување давеник, Црвениот крст од Охрид го имаше пред околу две седмици во Поградец, Албанија, каде што го обезбедуваше Светското првенство во параглајдинг што се одржа таму. Во текот на вчерашниот ден, на плажата „Потпеш“ во стариот дел на Охрид, единиците за спасување на вода при оваа организација спасија активен давеник во вода. Според Точков, станува збор за турист од Србија кој имал здравствени проблеми, но и потешкотии во пливањето.

(фото: МИА)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top