| четврток, 6 декември 2018 |

Министрите за култура од земјите од регионот во Вевчани

Министри за култура и нивни заменици од регионот кои во Охрид ќе учествуваат на министерската конференција на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа, вчеравечер ја посетија Општина Вевчани.

Гостите беа пречекани со традиционална нафора, домашни колбаси и со вевчанските зурли и тапани, а нивни домаќини беа заменик-министерот за култура на Република Македонија Драган Недељковиќ и градоначалникот Цветомир Угриноски. Угриноски истакна дека Вевчани има непроценливо културно-историско богатство кое вреди да се посети.

Министрите за култура на Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Молдавија, Иван Тасовац, Мирела Кумбаро, Средоје Новиќ, Анреа Златар-Виолиќ и Моника Бабуч, како и заменик-министерот за култура на Бугарија Васил Василев, ги посетија и познатите Вевчански Извори.

Во текот на денешниот ден, тие ќе учествуваат и на министерската конференција во Охрид што ќе ја отворат министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа-Милевска и генералната директорка на УНЕСКО Ирина Бокова.

Овој значаен настан претставува прва регионална министерска средба, која што го потврдува спојувањето на Платформата на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа со Платформата за регионална соработка на УНЕСКО во областа на културното наследство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top