Младиот италијански новинар, Роберто Савијано, кого Умберто Еко го нарече јунак на нашето време, е авторот на светскиот бестселер, романот „Гомора“.
„Гомора“ е прва книга на Савијано и таа истовремено му донесе и слава и прогонство. По појавувањето на книгата, неаполската мафија, Камора, му упати сериозни закани, по кои Савијано е постојано под полициска придружба и постојано го менува местото на престојување и фактички живее во илегала. „Гомора“ е роман за мрачните страни на капиталот, мафијата и на криминалот, кои се снаоѓаат со секоја власт, во секоја држава и тешко паѓаат под ударот на законот. Романот доживеа неверојатен публицитет – објавен е во 42 земји, само во Италија досега е продаден во 1,5 милион примероци, снимен е и филм, кој освои Гран-при во Кан. За автентичното и потресно сведочење за моќта на криминалот, Савијано ја доби наградата „Вијарџело Репачи“, за најдобра прва книга, како и наградата „Џанкарло Сијани“. Кај нас на македонски јазик ја објави издавачката куќа „Матица македонска“.
„Сите што ги познавам или се мртви или се во затвор. Јас сакам да станам бос. Сакам да имам супермаркети, продавници, фабрики, сакам да имам жени. Сакам три автомобили. Сакам сите да ме почитуваат кога ќе влезам во некоја продавница. Сакам да имам магацини по цел свет. А потоа сакам да умрам. Но, така како што умира вистински бос, тој што е вистински главен. Сакам да ме убијат“ (цитат од романот „Гомора“).
Содржината на автентичното писмо на 14-годишното момче што издржува казна во затвор за малолетници, а Камора го регрутирала за своите валкани улични работи и тоа што начинот на кој живеат овие босови станало идеал на овој малолетник се само дел од безбројните автентични сведочења за моќта на криминалот, безнадежноста на сиромашните и за бездушноста на општеството во кое живееме. За ова Савијано на брилијантен начин пишува во својот роман „Гомора“. Тој детаљно ги објаснува принципите на „работа“ на кланот Камора. Ги наведува зборовите на еден од членовите на кланот Казалеа, кој за сицилијанскиот клан Коза ностра вели дека е во расчекор со времето бидејќи им е потчинет на политичарите и настојува да се наметне како еден вид „антидржава“, а за босот на кланот Казалеа (Скјавоне) вели дека тоа не им прилега на деловни луѓе. Не постои парадигма „држава – антидржава“, туку, како што вели овој криминалец, кој е осуден на доживотна робија: „само територија на која се работи со, преку или без државата“. Савијано укажува и на глобалниот карактер на оваа криминогена организација, на мрежата на нејзината илегална трговија, која има излез во легалните економски текови ширејќи се преку Европа и Америка, до Блискиот Исток и до Кина.
Собирајќи материјал за својот роман, Савијано и самиот работел во текстилна и во градежна фирма што ги контролирала мафијата, од близу ја набљудувал вмешаноста на Камора во контролата на организираниот криминал, растурање дрога, шверцување оружје, нелегално складирање отпад од сите видови итн.
„Долгогодишната невработеност го менува човекот. Тоа што шефовите го третираат како крпа, што работи на црно, што нема почитување од никого, нема пари, сето тоа го убива или го претвора во животно, или, пак, го турка на дното“, пишува во своите тегобни искуства Савијано, директно именувајќи ги босовите на Камора.
Во интервју за „Гардијан“, Савијано за Камора тврди дека е најголемата поединечна економска сила во Европската унија.
„Нема место на кое не се разгранети нивните бизниси. Во Германија магацините се сместени во Хамбург, Дортмунд, Франкфурт. Во Берлин продавниците „Лаудано“, на адреса „Гнајзенауштрасе“ 800 и „Вицлебенштрасе“ 15, во Шпанија во Пасео де ла Ермита дел Санто 30, во Мадрид, и уште во Барселона; во Австрија, во Виена, во Англија во една продавница за палта во Лондон, потоа во Ирска, во Даблин. Во Холандија во Амстердам, во Финска и Данска, во Сараево и во Белград“, пишува Савијано во романот „Гомора“.
Кога се појави книгата, мафијата не ѝ придаваше особена важноста, дури и се веруваше дека таа, можеби, ќе придонесе за поголемо почитување на Камора, меѓутоа, како што растеше популарноста на романот, а јавноста почна да ги сфаќа размерите на злото, почнаа да стигнуваат закани до Савијано. Така токму во срцето на „слободна Европа“ почна неговото тригодишно прогонство бидејќи се осуди јавно да проговори, па и да го напише тоа што, инаку, сите го знаат. Одвоен од семејството и од пријателите и постојано преместуван од едно во друго скривалиште на полицијата, писателот јавно праша: „Што е мојата вина? Зошто морам да живеам прогонет, како да имам шуга, скриен од животот, светот и од саканите луѓе? Кој го загуби животот поради моите зборови?“ Податокот дека неаполската мафија од 1979 година до денес е одговорна за смртта на 3.600 луѓе, повеќе жртви отколку што заедно имале ЕТА и ИРА, руската мафија, албанското семејство и Црвените бригади, објаснува сѐ.
Савијано во „Гомора“ до детали ги реконструира бескрупулозните економско-финансиски и освојувачки механизми на клановите на Неапол и Казерта истакнувајќи дека тие не бараат работа, туку, напротив, работата ги бара нив бидејќи редовите на Камора, како што тврди писателот, ги сочинуваат „самураи“ на екстремниот неолиберализам. За нив постои само профит, ништо друго.
„Кој сака да има моќ да решава за животот и за смртта, за создавање профит, наметнување монопол, вложување во нови бизниси, мора да знае дека таа моќ се плаќа со затвор или со живот. Босот знае дека ќе заврши така што ќе го убијат или ќе го уапсат, но останува економскиот систем што го создал. Тој укажува на ’заклетвата за молчење‘. Сите знаат, но никој не зборува дека сите алки на моќта на овој или на тој начин се поврзани со Камора, која функционира како Лернејска хидра, чудовиште на кое, кога ќе му се отсече главата, на истото место во моментот никнува нова. Камора го зголемува профитот како да е на хиподром, на тркачка патека, не е важно за која гранка станува збор, достапноста на белиот прашок за широките маси, на секој агол, уништувањето отпад на нееколошки начин (со просто фрлање в море, загадување на водата и на почвата)“, забележува Савијано во романот.
Оваа необична и силна книга, брутална како Содома и Гомора, документ за нашето време, истовремено истражување и книжевност и документарна граѓа, е потресно сведоштво, меѓу другото, и за болната страст: алчноста, која задолжително ја следи отсуство на човечност, морал, емоции, духовност… Документ за времето во кое живееме, вознемирувачки во својата реалност, „Гомора“ е роман во кој читателот лесно препознава многу нешта од сопственото опкружување.
На Савијано мора да му се оддаде прзнание за храброста отворено да проговори за темнината што ја носи моќта на парите, за тајните патишта меѓу криминалот и власта, тајните врски меѓу мафијата и државата и како во Европа во 21 век, како европски економски рај, сѐ уште се губи глава поради пари.
Гласот на Савијано во Европа денес е тоа што некогаш зад железната завеса беше гласот на Александар Солженицин или на Вацлав Хавел. Случајот „Савијано“ покажува дека сѐ уште трае освојувањето на слободниот говор во Европа, дека идеолошките многугласија тешко се прифаќаат од страна на тие што се на власт и од тие што имаат пари, но го покажува и жалниот факт дека тој што ќе ја каже вистината мора да побара полициска придружба. Вистината сѐ уште се брани со голо оружје. Дури и во Европа.
Дали Роберто Савијано ќе стане лауреат на престижната награда „Сахаров“, е помалку важно, отколку фактот дека овој млад новинар стана парадигма на отворена рана во искуството на Европа во 21 век. Случајот „Савијано“ е горчлива опомена дека вистината сѐ уште се освојува, секој ден, дури и во општествата што се нарекуваат демократски, но истовремено сериозно го поставува прашањето на егзистенција на секој од нас, но и во какво општество живееме и каде води власта на парите, надвор од моралот и над законот.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 94. број на неделникот „Република“, 20.06.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.