| четврток, 6 декември 2018 |

Роман Полански сака да снима филм во Полска

Славниот синеаст Роман Полански сака во родната Полска да сними филм за познатата афера „Драјфус“, но бара гаранции од Варшава дека нема да има проблеми со законот поради потерницата што САД ја распиша по него во 1977 година поради сексуален однос со 13-годишно девојче.

Осумдесегодишниот режисер дел од неговото детство го помина во Краков каде сега и планира да го снима филмот. Откако во Втората светска војна тој град го окупирале германските сили, Полански успеал да побегне од еврејското гето, додека неговата мајка завршила во концентрациониот логор Аушвиц. По војната Полански се вратил во Краков, но потоа набрзо емигрирал.

– Роман Полански размислува во Полска да сними филм за аферата „Драјфус“ која во 19-от век го потресе јавното мислење во Франција – изјави Јержи Страховиц, полскиот адвокат на Полански.

Полскиот филмски институт соопшти дека Полански веќе изнајмил стан во Краков, престојувал во градот и со семејството го посетил Музејот во Аушвиц.

Полански, автор на класиките како што се „Кинески кврт“ (1974) и „Розмариното бебе“ (1968), во 1978 побегна од САД откако претходно ја призна вината за незаконски сексуален однос со 13-годишната Саманта Герјмер под дејство на алкохол и дрога. Поради тоа на Полански му се закануваше казна до 50 години затвор.

Тој беше уапсен во 2009 година на пат кон Филмскиот фестивал во Цирих каде треаше да добие награда за животно дело, но во 2010 година швајцарските власти соопштија дека нема да го предадат на САД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top