| четврток, 6 декември 2018 |

Фестивал за сценарио „Скрипт фест“ денеска и утре во Скопје

Денеска и утре, во Скопје се одржува Меѓународниот фестивал на филмски сценарија “Скрипт фест 2014“. Фестивалот го организира Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација “Македонија Презент“ од Скопје.

Овој традиционален фестивал годинава се одржува трет пат, а ќе го отвори проф.д-р Александар Прокопиев од Институтот за македонска литература – Скопје.

Потоа, ќе бидат врачени и наградите на годинашните добитници:  “Скрипт феникс“ на м-р Константин Плевнеш од Универзитетот ЕСРА Скопје-Париз-Њујорк за истражување, развој и значајни остварувања во филмската култура; “Скрипт презент“ – на Сунчица Уневска од “Утрински весник“ за долгогодишен критичарски придонес во филмската уметност; “Скрипт фест“ – на авторот Кузман Клековски за неговиот постојан ангажман и придонес на планот на филмот.

Специјално признание – наградата “Скрипт мост“ му е доделена на Раде Шербеџија за врвни и осведочени филмски остварувања и вредности, а ќе му биде врачена на 6 јули на Фестивалот Актерот на Европа во Отешево.

По врачувањето на наградите, м-р Ана Опачиќ од Универзитетот ЕСРА Скопје-Париз-Њујорк ќе одржи работилница на тема “Сценарио за филм“, додека следниот ден за темата “Филмското сценарио денес – помеѓу желбите и реалностите“, ќе говори  проф. д-р Христо Петрески.

На фестивалот Скрипт фест  ќе бидат прикажани повеќе краткометражни и документарни филмови, а ќе биде организирана и промоција на филмски изданија од Нишкиот културен центар и издавачките куќи “Феникс“ и “Маска“ од Скопје.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top