Само малкумина пред септемвриското обраќање на актуелниот претседател на Европската комисија, Португалецот Жозе Мануел Баросо, можеа да препознаат дека на маргините на актуелната криза, всушност, се води дебата, промоција и засилување на идејата за федерална Европа, што е повисоко ниво на здружување од сегашниот, практично, хибриден формат на меѓувладино и на наднационално здружување.
Автобусов бревта како Европска унија, уште малку и ќе се распадне! Кој, ЕУ да се распадне, нема шанси? Сигурно се распаѓа. Сто проценти. Додека ние да влеземе прво ќе излезе Британија. Еве слушам Британците сакаат да излезат од еврозоната.
Ова е разговор од климатизиран, удобен автобус со тапацирани седишта, број „45“, кој вози двајца патници од центарот на Скопје до населбата Ченто.
Без разлика што на муабетот ќе му се најде мана дека Британците воопшто и не се дел од еврозоната, тоа е разговор на кој треба да му се обрне внимание. Не е карактеристичен само за Македонија или за другите земји што се кандидати. Вакви разговори можат да се слушнат и меѓу дежурно резервираните Белгијци ако заслушате неврзан разговор во воз од Брисел кон Мастрихт или, пак, меѓу Британци, редовно „доброинформирани“ од таблоидот „Сан“, во авион од Лондон кон Даблин… Ваквите разговори ги знаат и комесарот за проширување Филе и комесарот за економија Рен, а, секако, и Баросо. Европарламентарецот Најџел Фараге, лидерот на британската партија за независност, добро платен од буџетот на ЕУ, е, можеби, најголемиот евроскептик во цела Европа, поголем дури и од двајцата пријатели од автобусот број „45“ кон Ченто. Потврда за тоа е секој негов настап на комисиите во Брисел или на пленарните седници еднаш месечно во Стразбур.
Но, тоа е ЕУ – еден голем аван македонска салата полн со непомирливи антагонизми, љубовни врски, кокетни погледи, нож (читај директиви или регулативи) в грб, по некој лош „avis“ за непослушна земја што е членка и, на крајот, дружељубиво и солидарно однесување кога станува збор за заедничката политика. Дамата што годинава доби Нобелова награда за мир е, всушност, вешта и дотерана старица со добро здравје, која како да се симнала од постерот издаден по повод годинашната европска година за активно стареење и за солидарност меѓу генерациите.
Настрана сите шеги. И покрај сите критики и потсмешливи коментари на негова сметка, Нобеловиот комитет не згреши. Да се обезбеди 67 години генерален мир на континентот на кој циклично, како по правило, на секои триесетина години се води по една голема војна, а почесто и помали, е успех за почит. Без разлика на сите грешки што, можеби, ги направиле нејзините институции, како на пример во југословенската криза во деведесеттите години на минатиот век, Европската унија, без конкуренција, е убедливо најуспешниот проект за мир во светската историја, кој донел стабилност и просперитет на континентот што знае и за стогодишни војни, но и за краткотрајни крвави судири.
Но, ако се вратиме на разговорот наслушнат во „четириесет и петката“ на пат кон Ченто, јасно е дека ЕУ доживува криза што има многу поголемо значење од главниот атрибут „економска“. Вакви кризи Унијата има доживеано неколку, како на пример таа од 70-тите години, кога се појави Единствениот европски акт. Секако, за него слушнале само закоравените административци и луѓето што ги изучуваат евроинституциите , но не го споменувам случајно. Таа ситуација е модус вивенди за тоа како функционира ЕУ. На секој проблем што ќе искрсне, а води кон дезинтеграција или распад, Унијата реагира со уште подлабока интеграција. Всушност, земјите како Македонија, кои се во процес на пристапување, по малку и се лажат со терминот „интегративен процес“. Тој е резервиран за тоа што следува по пристапувањето. Имено, кога Бриселци ќе речат „интеграција“, всушност, мислат на внатрешна интеграција, или кохезија, или заедничка политика, инструменти и активности.
„ЕУ е во криза откако е создадена“, вели Улрих Бек, водечки германски социолог, кој држи две престижни катедри, една во Минхен, а другата во Лондонската школа за економија (Munich University and at the London School of Economics) во едно скорашно интервју. Бек вели дека мора да се зборува отворено за можноста од крах со цел да се спречи такво нешто. Всушност, овој еминентен автор, заедно со Даниел Кон Бендит, европарламентарец, човек што во 1968 ги водеше студентските протести во Франција, а сега е германски европратеник, копретседавач на групата европски зелени и на Европската слободна алијанса и пропонент на идејата за федерална Европа, пред неколку години напиша манифест наречен „Ние сме Европа“. Во него тие предлагаат повторна изградба на ЕУ токму тргнувајќи од постулатот дека има проблем во постојниот европски идентитет. Интересно е што овој манифест е, практично, полуинституционален памфлет на самата ЕУ. Прво е напишан во рамките на официјалната Европска година за волонтерство, второ на него се потпишани десетици проевропски имиња на функционери, новинари и на филозофи од типот на Жек Делор, поранешен претседател на Европската комисија, Јошка Фишер, Рихард фон Вајцекер и на Хавиер Солана, потоа веќе легендарните филозофи Зигмунд Бауман, Ентони Гиденс и Јирген Хабермас, како и уметниците Вим Вендерс, Клаус Вагенбах или нобеловците Херта Милер и Имре Кертеш и стотици други министри, политичари, научници, уметници и писатели.
Ваквиот однос на луѓето што го формираат мислењето и донесуваат одлуки во Европа дава гаранција дека дамата е во лоша физичка кондиција, но со добро здравје. Инсистирајќи дека постои криза и дека во игра се големи влогови, како што се тенденциите кон повторно создавање национални држави, Бек вели дека Европа е кајгана од која не може да се одделат белката и жолчката. Но, дека оваа криза, имајќи ги предвид средната класа и општата поврзаност преку новите медиуми, можна е револуција што ќе изнедри барем парче европска свест. Особено што историјата покаже дека и националните држави произлегле од слични кризи.
Силата на ЕУ произлегува од нејзините космополитски темели, признавање и институционализирање на различноста и од мисијата за зачувување на мирот на континентот. Доказ за ова се осумдесеттите години на минатиот век, распадот на советскиот блок, падот на Берлинскиот ѕид, големото цунами во кое петнаесетина држави од еднопартиски систем преминаа во повеќепартиска плурална демократија. ЕУ покажа храброст некогашните непријатели да ги претвори во добри соседи, а потоа и партнери еднакви на себе. Историски преседан и луд потег што, евентуално, би можел да се спореди само со евентуална авантура во која САД би ги споиле Мексико, Никарагва, Костарика и, впрочем, цела средна Америка заедно со сета евтина работна сила што би се распослала од Њу Хемпшир до Калифорнија и од Орегон до Флорида.
Нобеловата награда за ЕУ
По УНХЦР, УНИЦЕФ, Црвениот крст, ИЛО и уште неколку други организации, како што беше соопштено на 12 октомври, и ЕУ стана носител на Нобеловата награда за мир. Во својот тестамент Алфред Нобел напиша: „ оставината треба да биде поделена на пет еднакви дела… еден дел за тие што најдобро или најмногу ќе работат за братството меѓу нациите, за укинување или намалување на постојните армии и за заложби и промоција на мирот“.
Првично малку чудно прозвучи дека една организација доби Нобелова награда за мир, меѓутоа во правилата на Комитетот убаво си стои – може да бидат кандидирани и асоцијации и институции.
Но, тоа се технички работи. Тоа што е поважно е како е дочекана наградата во европските кругови. Политичарите, секако, со насмевки, еврократите егзалтирани, евроскептиците со потсмев. Се чини гласот на разумот дојде од Германецот Јирген Хабермас, доајен, жива легенда на денешните социологија и филозофија. Во писмо објавено на 21 октомври во „Ла Република“, насловено како „Апел од Осло“, Хабермас пишува дека во моментите на најголемата криза во својата историја, дојде вест дека ЕУ добила Нобелова награда за мир. Нобеловата награда за мир јасно им става до знаење на владите на европските земји од еврозоната дека треба да преземат чекори за подлабоки европски интеграции. Тоа во текстот го пишува црно на бело и тоа барем на три места.
„Ние Европејците, во овој момент стоиме тивко и нерешително на прагот на Европа на две брзини. Затоа доделувањето на Нобеловата награда го гледам како повик на солидарност меѓу нејзините граѓани, кои треба да се изјаснат каква Европа сакаат. Само со засилување на институциите на централизирана Европа ќе можеме да го скротиме капитализмот што избега од контрола и ќе го запреме процесот на внатрешен распад на Унијата“.
Само малкумина пред септемвриското обраќање на актуелниот претседател на Европската комисија, Португалецот Жозе Мануел Баросо, можеа да препознаат дека на маргините на актуелната криза, всушност, се води дебата, промоција и засилување на идејата за федерална Европа што, секако, е повисоко ниво на здружување од сегашниот практично хибриден формат на меѓувладино и на наднационално здружување. Федеративна Европа за основа ја има идејата за „Европа на повеќе брзини“ (Multi-speed Europe) во кој европските земји што сакаат поинтегрирана Европа може да го забрзаат здружувањето на политиката, додека другите може да одат со побавно темпо и може да се приклучат поединечно или групно кон другите. И ова веќе функционира – примери се еврозоната и шенгенската зона.
Идејата за федерална Европа не е од вчера – датира од 1923 година, од паневропскиот манифест, преку говорот на Аристид Бријанд во Лигата на нациите и говорот на Черчил за Обединети европски нации, па сѐ до Унијата на европски федералисти, која е активна веќе 50 години.
Дека паралелно со актуелната европска криза се случува раздвижување за уште подлабока интеграција во Европа зборува и формирањето на таканаречената „Спинели група“ во Европскиот парламент – формирана од Ги Верховштад, кој речиси 10 години беше премиер на Белгија, а во моментов е лидер на АЛДЕ (Алијанса на либералите и на демократите во ЕП) и е составена од еминентни имиња како што се Јошка Фишер, Бруно Монти, Жак Делор или Пат Кокс. Оваа група јасно ја декларира својата цел – да се најде федерално мнозинство меѓу членовите на ЕП за важни прашања. Иницијативата формирана во септември 2010 година има мрежа следбеници од истражувачки организации, невладини организации, академци писатели и политичари.
Секако, клучен чекор во овој правец направи Баросо, кој на 12 септември во Стразбур пред европарламентарците повика на создавање европска федерација. Бидејќи ЕУ традиционално на секоја криза одговара со уште подлабока интеграција, Баросо вртоглаво храбро (комодитет што, секако, му го овозможува вториот мандат на чело на европската влада) отворено повика на федерална Европа, нов договор што ќе го надмине неодамна донесениот во Лисабон, и на уште подлабока интеграција на земјите што се членки.
Секако, внимателно се огради од создавање „супердржава“ туку „ демократска федерација на национални држави, кои ќе можат да ги решаваат заедничките проблеми преку споделување на суверенитетот“.
Бидејќи ова може да прозвучи страшно во ушите на дежурните поклоници на теориите на заговор, нека нема дилеми – и досега земјите што се членки, па и земјите што се кандидати, како што е Македонија, отстапуваа дел од својот суверенитет кон ЕУ. Едноставно, така што доброволно прифаќаат да го усогласат, внесат и спроведат европското законодавство во домашното. А станува збор за повеќе од 120.000 страници европско acquis communautaire (заедничко законодавство).
Кај нас долго време некритички се коментира идејата за Европа на две и на три брзини како суштински доказ дека „ЕУ се распаѓа“ без да се има претстава дека ваквиот начин на донесување одлуки е во интерес на помалите земји што се членки од едноставна причина што поголемата интеграција, притоа имајќи го предвид начелото за гаранција на различноста (преточено во регулативи и во директиви) е симбиоза во донесувањето одлуки и во создавањето на европската политика.
ЕУ како зелена маса за конфликти
Унијата, со сите нејзини слабости поради спротивставените интереси, сепак е еден голем нивелатор на прикриени и на акутни конфликти. Само ако погледнете како се структурирани институциите, јасно е за колку сложен систем зборуваме. Во документите на ЕУ стои дека Европскиот парламент ги застапува интересите на граѓаните (избирачкиот корпус се мобилизира на непосредни избори). Европскиот совет, во кој седат шефови на држави и на влади, ги застапува поединечните интереси на земјите што се членки, а на чело е Белгиецот Херман вон Ромпуј во две и полгодишен мандат. Европската комисија, пак, водена во два петгодишни мандати од Баросо, ги застапува заедничките интереси на ЕУ, создава закони и се грижи за правилно спроведување на договорите на Унијата. Не треба дури ни да се споменуваат уште дваесетина тела и институции на ЕУ.
Во една таква констелација на односи, играчите се наоѓаат во ситуација да разговараат на многу нивоа. Практично, една од најфините вештини со кои располагаат еврократите е наоѓањето решенија во најневозможни ситуации. Има безброј примери – од решавањето на хрватско-словенечкиот спор, преку решавање на трговските спорови, до дневното помирување на агендите на комесарите, министрите, амбасадорите и урамнотежување меѓу нивните интереси во сите можни варијанти на теориите на игрите (win-win, lose-lose, win-lose, zero-sum или non-zero-sum).
ЕУ опстанува од педесеттите години на минатиот век и притоа не зборуваме за некаков форум на држави од типот на ГАТ туку за 27 држави со заедничка политика речиси во секоја сфера (од земјоделство до царина). Некои колеги, кои со децении ја покриваат ЕУ, велат дека Унијата е една голема зелена маса на која секојдневно се тестира европскиот проект.
Има неколку сценарија за ЕУ – но, едно е извесно- потенцијалот за интеграција е огромен, дезинтеграцијата е вовед во спирала на конфликт со лош крај и со огромни штети. Ова го знаат сите, дури и новите радикали, сецесионисти и ултранационалисти.
Динамиката на процесите во ЕУ понекогаш е тешко сфатлива од ракурсот на една мала земја, која веќе долго време се обидува да „стапне“ на тој континент, особено што сложените односи внатре, чувството на наметнати и на ненаградени долгогодишни неуспешни реформи, недоволно објаснетите механизми на функционирање на институциите на ЕУ од сите досегашни македонски власти (вклучувајќи ги тука и медиумите) и неподносливата јужна непринципиелна пречка, создаваат фрустрација што предизвикува еврозамор и евроскептицизам во крајна линија.
Македонското општество стои настрана од сите овие збиднувања, додека псевдоаналитичарите во ноќните часови, отворено, со доза на маалско мајтапење фаќаат сеир на генеричката криза, иманентна на секој голем проект како што е Европската унија. Големата слика редовно ни бега поради традиционално слабиот „апсорпциски капацитет“ (патем, тоа е четвртиот мадридски критериум за влез во ЕУ, но во обратна насока). Би било добро некои од нашите интелектуалци и теоретичари да се изјаснат за дел од размислувањата што се случуваат веќе неколку години на нашиот континент. Или делегацијата, пак, ќе доцни…во Јајце…
Македонија… а и инаетот чука ко дамар понекогаш
Најдобриот извештај на Европската комисија за Македонија досега, енергичниот говор на комесарот за проширување Филе, новиот пристап „преговори без решавање на името“ е свеж импулс во овој несфатлив статус кво.
Брисел, особено Генералниот директорат за проширување, подолго време е во непријатна ситуација со Македонија, која прва во регионот потпиша Договор за стабилизација и за асоцијација, седум години е земја што е кандидат, четврти пат добива препорака за почеток на преговори, европското законодавство веќе четири години интензивно се транспонира во македонското, во меѓувреме Црна Гора ја престигна Македонија иако пред осум години, кога Македонија одговараше прашалник, во Подгорица немаше ниту „и“ од некаква државна „институција“ задолжена за ЕУ, Србија ја втаса Македонија…
Добрата волја на бриселските институции и на службениците во европските институции (Парламентот и Комисијата) имаат една голема пречка, која се вика Европски совет (шефови на држави и на влади, меѓу кои и Грци и Кипрани), тело што заседава во декември. Филе дури изјави дека Комисијата е подготвена веднаш да излезе со неопходната преговарачка рамка (читај преговарачки позиции за поглавјата 23 (судство и основни права) и 24 (правда, слобода и безбедност)).
Тоа што јавноста го очекува во декември е пас за почеток на преговорите.
Сепак, постојат две краткорочни сценарија:
– Советот ја прифаќа препораката. По правило, треба да има едногодишно таканаречено набљудување ( се гледа колку од законодавството на земјата е усогласено со тоа на ЕУ), па потоа се почнува со преговори по поглавја. Меѓутоа, тоа што Филе, неговиот комесаријат и делегацијата на ЕУ успеаја да го сработат минатата година во корист на Македонија е високиот политички дијалог, кој, како и да се сврти, е своевидно набљудување. Ова значи дека нема да биде чудо ако преговорите по двете поглавја оптимистички почнат напролет, а сигурно наесен. Потоа следува застој – блокада од Грција или од Кипар.– Советот не ја прифаќа препораката. Македонија тапка во место. Политичкиот дијалог продолжува многу технички, се губи моментот, мотивот, се јавува замор од процесот, разочараност и евроскептицизам.
Ова последното, всушност, го посочува и Европската комисија во годинашниот стратегиски документ за проширувањето:
„Комисијата верува дека одењето напред во процесот на пристапување во следната фаза е неопходно за да се консолидира темпото и одржливоста на реформите, да се намалат ризиците од назадување на процесот, како и да се засилат меѓуетничките релации. Тоа, исто така, ќе го подобри кредибилитетот на ЕУ и ќе служи како охрабрување за реформите и на други места во регионот“.
Индикативно е што во ваква конструкција на реченица дипломатски се посочени меѓуетничките релации. ЕУ е свесна дека основното врзивно ткиво на партиите во секоја влада во Македонија, па и надолу во општествената скала се интеграциите во ЕУ и во НАТО.
Последните информации за самитот во декември не одат в прилог на Македонија. Членот на Европскиот парламент од ПАСОК Марија Елени Копа изјави дека за Атина е неприфатливо Македонија да почне со преговори бидејќи тоа ќе значи одложување на решението. Таа дури не смета дека земјата е подготвена за почеток на преговори.
Долгорочно сценарио за Македонија, доколку не се најде решение за спорот со Грција, е специјален статус за Македонија. Нешто слично на тоа што го имаат Норвешка, Лихтенштајн и Исланд (иако веќе стана земја што е кандидат)во рамки на Европската економска област, решение што во 1994 година се реализира преку ЕФТА.
Едно е сигурно – членството во ЕУ е голем и историски проект за Македонија. Да се однегува и да се изнесе на плеќи ваква идеја и притоа да се поминуваат толку многу пречки е подвиг голем колку планина. Потребен е. А и инаетот чука ко дамар понекогаш…
(објавено во 8. број на неделникот „Република“, 26.10.2012)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.