Градоначлникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска го најави почетокот на уредувањето на вториот дел на паркот „Македонија“, покрај булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов.
– Градот продолжува да го зазеленува Скопје, и на овој простор што е со површина од околу 32 000 квадратни метри, на потегот од угостителскиот објект „Македонска куќа3 до индивидуалните куќи на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, ќе изврши реконструкција на зелената површина и ќе уреди нова парковска површина. Во паркот ќе се постави нова хидрантска мрежа со 192 прскалки со кои ќе се полева зеленилото во паркот и околу 800 новозасадени садници, од кои околу 300 дрвја ќе бидат листопадни, а околу 500 зимзелени. Во рамките на паркот ќе се оформи една трим-патека со бела ризла и една асфалтирана патека со клупи за седење, корпи за отпадоци и друга урбана опрема. По трим-патеката сукцесивно ќе се формираат и површини коишто граѓаните ќе можат да ги користат за одмор и за рекреација, а на дел од неа ќе се постават и фитнес справи за вежбање. Во паркот, исто така, ќе има и содржини намените за децата, односно ќе се постават детски реквизити направени од дрво, еко-реквизити, како и 3 летниковци коишто ќе им овозможат на сите граѓаните да уживаат во него без разлика на временските услови и годишните времиња. Трим-патеката ќе биде целосно осветлена. За реализација на овој проект од Буџетот на Градот ќе се издвојат околу 15 милиони денари – истакна градоначалникот Трајановски.
На уредувањето на паркот ќе работат екипите на ЈП „Паркови и зеленило“, а ќе им помагаат екипи од ЈП „Улици и патишта“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.