| четврток, 6 декември 2018 |

Скопје ќе добие лунапарк кој ќе ве воодушеви (галерија)

По завршениот тендер за избор на фирма која ќе го изработува основниот проект за Лунапарк-Скопје и информациите излезени во неколку интернет-портали, победничкиот тим „Лунар“, реши јавно да го сподели својот конкурсен труд, пишува „Азбука на градот.мк“.

Според веста, основниот проект го доби фирмата која го изработи второнаградениот труд „Билд урбан“, која во последната информација беше спомната дека ќе работи основен проект – компилација од трите наградени решенија.

luna3(1)

Конкурсот претставуваше повик за идејно решение, што значи фаза пред идеен проект, со релативно краток временски рок за негова изработка. Тоа овозможи послободен пристап во презентацијата на идејата, за која тимот изработи и насока за брендирање на паркот (постер, лого, карти, летоци), земајќи  предвид дека на сето тоа во иднина ќе му следува доработка и прецизирање.

Административниот објект е поставен аголно во југозападниот дел како најнеатрактивна позиција, изолирајќи ја надворешноста, со цел формирање на фронт, потребен за обликување на пристапно-собирен плоштад на влезот. Оттука движењето се насочува странично кон останатите содржини на паркот, слободно расфрлани низ посторот асоцирајќи на месечевото обликување.

luna4(1)

Покрај содржините и реквизитите кои се во практика во поголемите забавни паркови, во скопскиот „Луна парк“ предвидуваме едукативен и мултимедијален центар. Во него може да дознаеме повеќе за Месечината, за небесните тела и за астрономијата, да ги следиме активностите во мултифункционалниот простор, интерактивниот простор наменет за холограмски и 3Д-проекции, планетариумот, амфитеатарот за предавања и кино-салата.

Во обликувањето на паркот, влијаеја и анимираните филмови поврзани со футуристичкото гледање на иднината, претставувајќи го животот поблиску до небесните тела.

Оттука потекнува идејата за набљудувачка кула, која покрај ресторанот,  употребена е и за контролен простор во служба на поефикасно функционирање на паркот.

luna6

Првата активност е воденото поврзување со каналната мрежа во Градскиот Парк. Целта е да се употреби истата за педалински сообраќај и рекреација, која е возможна преку поврзување со крак и подигнување на два моста. Таа траса е битна за да се стигне до големото езеро, поставено во центарот на паркот.

Втората активност е поврзана со возот, за кој предлагаме линијата на движење да продолжи низ целата површина на градскиот парк, овозможувајќи разглед и престој во „урбаната шума”.

luna5

Значајно за овие две активности е тоа што тие еколошки не го загрозуваат паркот ниту уништуваат од постоечкиот флорален фонт, а учествуваат во негова анимација. Педалинките не користат горива, додека трасата на возот се оформува низ слободните површини, не наложувајќи сеча на вертикално зеленило.

lunarekviziti

Ваквиот парк и неговата реализација е возможна во етапи, а притоа останува атрактивен и привлечен за посетители во континуитет во процесот на реализација. Со сигурност може да придонесе за градската забава и за туристичката понуда.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top