Воените дејства во Украина ја доведоа Русија сосема да заборави на Ирак. Па и на Авганистан, во кој само пред една година експерти за безбедност гледаа т.н. опасност за светската стабилност. Ианку, оската Багдад-Кабул беше потресена од голем геополитички земјотрес – а во епицентарот се најде Иран.
Во рускиот интернет сектор се вртат снимки од американските бомбардирања на Ирак во војната против Садам Хусеин, заедно со клипови од југоисточна Украина. Во меѓувреме, борци од организацијата Исламска држава во Ирак и Левантот (ИДИС) се почесто вршат насилства, и од тоа има нови видео клипови. Во текот на една недела, доскоро непознатата вон земјата сунитска организација ги зазема големите ирачки градови Мосул и Тикрит. Шиитите, кои се религиозно мнозинство, станаа бегалци.
Американците изјавија дека се изненадени од ситуацијата и предлагаат задоцнета помош. Вооружените борци, пак, забрзано се подготвуваат да тргнат на престолнината Багдад. Сето тоа многу потсетува на талибанското движење, чија појава во Авганистан своевремено исто ги изненади странските аналитичари.
Истовремено се оцртува нагло влошување на ситуацијата во Авганистан, од каде се повлекуваат војските на НАТО, предводени од Американците. Минатиот викенд таму се одржа вториот круг од претседателските избори. Кампањата остана незабележана од рускиот печат, каде не се даваа никакви прогнози. Ќе потсетам дека до вториот круг стигнаа поранешниот министер за внатрешни работи, Абдула Абдула, и поранешниот министер за финансии, Ашраф Гани. Во текот на гласањето, секој од нив објави дека води на изборите. И двете варијанти се сосема веројатни, кога знаеме дека победникот во првиот круг Абдула доби едвај малку над 30 проценти гласови.
Според набљудувачи од Авганистан, таму пред 2 јули не се очекуваат никакви прелиминарни резултати од гласањето. Официјалните резултати пак можат да бидат објавени дури на 22 јули. За тоа време, во земјата која бездруго е растргната од граѓанската војна меѓу „советската власт“ која е призната од меѓународната заедница и талибанците, ништо чудно да избувне нов голем конфликт. Овој пат помеѓу симпатизерите на двајцата претседателски кандидати.
Тоа го подигнува ризикот сегашните де јуре раководители на Авганистан сосема да ја загубат контролата над малата територија каде владеат, и на крајот талибанците да си ја повратат власта. Дури и триумфално да влезат во Кабул, каде и денес тие организираат атентати – и тоа редовно и без стеснување.
Во Ирак нештата природно одат на полошо. Земјата и претходно беше поделена: имаше шиитски и сунитски енклави, и фактички одделен Курдистан. Всушност, сегашниот статус кво кој трае од периодот по симнувањето на Садам од власт, е веќе минато. Сунитите од ИДИС напредуваат кон Багдад, ги презедоа Мосул и Тикрит (каде впрочен исто живеат главно сунити), и изјавуваат дека ликвидирале повеќе од 1,700 војници од ирачката армија, земаат странски дипломати како заложници и, според некои извештаи, дури стрелале и десетици исламски богослови кои одбиле да им се заколнат на лојалност.
Всушност, покрај сте разлики можеме лесно да забележиме и сличности во случувањата во Ирак и во Авганистан. Неспорно е смешно да зборуваме за „светски заговор“. Тешко е всушност да не претпоставиме дека меѓународната заедница исто се навлече по Украина. И како резултат на ,тоа поторно се загрева ситуацијата во две други зони со епицентар Иран, кој едвај ги поправи своите односи со западот и почна да се опоравува по меѓународните санкции.
Соодветно на тоа, иранските власти по принуда се вовлекуваат во конфликти со соседните земји. Иако Техеран одрекува, според медиумски извештаи, во Ирак веќе дејствуваат ирански специјални сили, кои им помагаат на локалните шиитиски вооружени формации против сунитските борбени бригади.
Во случај на конфликт во Авганистан, од каде постепено се повлекуваат западните војници, Иран исто така ќе треба да се намачи во одржување на безбедноста во земјата. Техеран како да избрза да се радува на примирјето со западот.
Денес друга напаст ја тресе земјата – војни по нејзините граници. И тоа без учество на западот. Кога Иран нема со кого да соработува, останува само да војува и да се подготвува за бегалски бран. Дали воопшто ќе успее да се бори на два фронта – а Авганистан постојано „ќе надвиснува“ заканувајќи им се на сите држави наоколу.
Впрочем, случувањата не го засегаат само Иран. Природно за Русија, Ирак е многу далеку. Тамошната трагедија практично ги интересира сите во Москва, само доколку поскапува „црното злато“. Тоа всушност е неизбежно при каков и да е конфликт во главниот нафтен регион во светот. И уште нешто: Москва не се радува колку трајна излезе „демократијата“ која долета во Ирак со американските бомбардирања. Самите Ирачани не се виновни што ја добија на тој начин, но руските коментатори непростливо го заборавија тоа.
Авганистан пак може директно да влијае, дури и на внатрешната ситуација во Русија. Еден брз пораст на нестабилноста или расцеп помеѓу денешните управувачи во земјата (што ќе гарантира брза победа за талибанците) ќе предизвика нов масовен проток на Авганистанци во соседните земји од средна Азија.
Нестабилната ситуација веќе драматично ги засили позициите на НАТО во Узбекистан, каде беше отворена канцеларија на Северноатланската алијанса и каде редовно доаѓаат западни воени раководители. Тоа на крајот и не е лошо. Лошо ќе биде ако започне извоз на нестабилност од Авганистан кон Таџикистан и Киргистан, а вторава е на почеток на опашката за земја кандидат за членка во Евроазискиот Сојуз.
Ете тоа се накратко најочигледните последици од денешните случувања. Со сигурност ќе има и други. За нив всушност денес во Русија никој не размислува – Украина е поблиску, а во последните години и така не беше разработена надворешно политичката линија кон Авганистан.
За Ирак воопшто и да не зборуваме.
Росбалт – Москва
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.