Во годината кога светот ја одбележува сто годишнината од раѓањето на Орхан Вели, издавачката куќа „Антолог“ на иницијатива на Васко Марковски објави сто песни на македонски јазик. Песните на Орхан Вели географски и по духот се блиски на амбиентот на нашите градски улици од првите децении на 20 век, напишани со едноставен јазик, кој го чувствуваме близок.
Творештвото на Орхан Вели е релативно мало по обем но, успеало да ѝ го донесе на турската поезија долгоочекуваниот ветер во едрата, внесувајќи ги во неа уличниот јазик и обичните луѓе.
-Неговите песни ѝ беа достапни на нашата читателска публика како убава блиц-средба, но, секогаш во недоволна количина за да ѝ ја нахрани љубопитноста. Изданието „Риба во шишето ракија” е првото претставување на поезијата на Орхан Вели на македонски јазик во обем каков што заслужува”, вели приредувачот Васко Марковски, кој го направи изборот и препевот на песните.
Покровител на изданието е турското Mинистерство за култура и туризам, преку проектот за поддршка на преводи на турската книжевност на други јазици (ТЕДА).
Орхан Вели (1914-1950) е поет-меѓник во турската поезија. Во 1941, заедно со неговите гимназиски друари Октај Рифат и Мелих Џевдет Андај ја објавуваат книгата „Чудно” (Garip), која се смета за почеток на едно пошироко движење за обнова во турската поезија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.