Следната фаза од подводната потрага по исчезнатиот малезиски авион ќе биде спроведена во реон во Индиски Океан, стотици километри појужно од подрачјето на кое првично се претпоставуваше дека се наоѓаат остатоците на леталото, соопшти денеска началникот на Австралиското биро за безбедност на сообраќајот, Мартин Долан.
Тој најави дека следната недела ќе биде точно посочена локацијата на која ќе биде извршено ново пребарување со помош на подводна опрема. Новата локација зафаќа површина од околу 60.000 квадратни километри.
Долан нагласи дека смета оти најверојатно место на кои се наоѓаат остатоците на малезискиот „боинг“ е стотици километри појужно од подрачјето што претходно беше пребарано откако сателитите регистрираа сигнали кои наликуваат на оние што ги емитуваат црните кутии на авионите.
Малезискиот авион исчезна на 8 март на летот од Куала Лумпур до Пекинг. Пред исчезнувањето, авионот нагло го сменил правецот на движење и се упатил кон Индиски Океан, каде што му се губи секоја трага.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.