Со гала оперски концерт на Македонската опера и балет задутревечер, на Светскиот ден на музиката и на почетокот на летото, ќе почне 35-тата летна културна манифестација „Скопско лето“.
Покрај свеченото отворање во МОБ, на првиот ден од фестивалот во Мала станица ќе биде претставен мултимедијалниот проект на Гоце Наневски – „Мо(ну)мент“ и целодневен настап на улични музичари во организација на Универзалната сала.
Традиционално, „Скопско лето“ ќе трае до крајот на јули, а и оваа година ќе понуди богата програма со многу настани од различни сегменти на културата. Организаторот – Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, денеска на прес-конференција ја соопшти програмата.
Најновото остварување на авторот Гоце Наневски со наслов „Мо(ну)мент“ претставува своевидно продолжување на неговите досегашни истражувања во доменот на тридимензионалната објектност. Во дадениот случај, наспроти минималистичката геометричност истакната во неговите рани дела (почнувајќи од првите самостојни изложби во Младинскиот културен центар, Скопје, 1998, и во Музејот на Град Скопје, 2002), во последните години, почнувајќи од 2006 година („Пат“, ЛУ Народен музеј Велес, 2006, „Педесет или педесет“, Музеј на современата уметност – Скопје, 2006), а особено изразено во неговиот проект „Педесет или Педесет“, претставен на 53. Биенале во Венеција, од особен интерес на авторското дејствување се развивањето и реализацијата на монументални објекти и инсталации (придружени со звук и видео) кои наједноставно може да се сведат под одредницата мобилни.
„Комплексниот проект „Мо(ну)мент“, составен од комплексен објект со димензии 5500х3295х2250 мм и видеопроекции, со обидите да се дефинираат поимите движење и време, чија феноменална појавност е предмет на интерес на толкувања од различна физичко-математичка и философска природа од антички времиња, па сè до денес, е сериозно ангажиран и во крајна линија реферира на состојбата на човековата егзистенцијална поставеност и појавност во денешните социјално-општествени рамки и системи“, нагласува Маја Чанкуловска-Михајловска, одговорен кустос на проектот.

Проектот ќе биде достапен за јавноста до 30 јуни 2014 година. Заради специфичните техничките потреби, локацијата на која е поставен објектот ќе биде отворена за посетители секој ден (освен недела), во период од 20.30 до 22 часот, соопштија од Националната галерија на Македонија.
Директорот Мирко Стефановски рече дека во изминатите 35 години на „Скопско лето“ имало над 2.200 настани, а од него се израснати и други манифестации како „Блуз и соул“, „Есенски музички сцечености“, како и фестивали во други градови низ Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


