| четврток, 6 декември 2018 |

Жестоки борби во источна Украина, 70 војници се ранети

Во источна Украина се во тек жестоки борби меѓу украинските и проруските сили, какви што досега немало ниту по сила ниту по размер, изјавија украински воени извори, јави „Танјуг“.

Според истите извори, постојат информации дека двете страни во борбите вклучиле тенкови.

Жестоките судири избија рано изутрината во близината на градот Красни Лиман, кој е под контрола на украинските власти од почетокот на јуни, а проруските сили наводно се обиделе да го пробијат кродонот на владините сили.

– Во тек е голем судир, кој надминува во силата и во размерот сѐ што е видено досега – изјави воен извор.

Според тој извор, во судирите учествуваат до четири илјади припадници на проруските сили, а на двете страни најверојатно се ангажирани оклопни возила и тенкови.

– Антитерористичката операција продолжува и борбите траат – потврди потпаролот на Владата, Владислав Селезњов.

Регионалниот воен клинички центар во Одеса, еден од најголемите грдови во Украина, е полн со украински војници ранети во регионот на Луганск и Доњецк во источниот дел на земјата.

– Имаме 70 војници и офицери, а половина од нив се во тешка состојба – изјави вчера раководителот на клиничкиот центар.

– Доколку продолжат да носат голем број ранети, клиничкиот центар нема да има доволно места за нив и ќе мораме да ги сместиме во цивилните болници – додаде болнички претставник, јави ИТАР-ТАСС.

Во меѓувреме, Православниот храм „Воскресение Христово“ во источноукраинскиот град Славјанск беше нападнат денеска од војските на Владата во Киев, при што едно лице е убиено.

Фото: ЕПА

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top