Од оваа недела, 22 јуни, пензионерите ќе можат бесплатно да се возат со автобусите на ЈСП и во овој ден. Тоа значи дека освен вторник, петок и сабота, во кои досега пензионерите се возеа без да плаќаат, отсега бесплатно ќе можат да се возат и во неделите. Ова е едно од предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ, која вети дека откако ќе биде формирана Владата, ќе го исполни, што и се случува.
Пензионерите задоволни.
– Пензионерите се среќни што освен трите дена што ги имаат на располагање за бесплатно возење, сега ќе ја добијат и неделата. На тој начин ќе се растоварат и автобусите, бидејќи пензионерите кои брзаа некои работи да ги завршат во овие три дена, сега тоа ќе можат да го направат во недела. Најчесто во тие денови се оди на гробишта или, пак, на пазар. Со оваа одлука на Советот на Скопје, но и ВМРО-ДПМНЕ ги исполни ветувањата кон нас – вели за „Република“, Драги Аргировски, претседател на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.
Тој додава дека се водат преговори и за изнаоѓање други форми за користење на автобусите од страна на пензионерите.
-Со ЈСП се разговара ако може да се воведе можноста за секојдневно бесплатно возење или воведување на евтин годишен билет, што ќе овозможи олабавување на турканиците во автобусите. Но за тоа потоа. Засега сме задоволни што и неделата ни е дадена за бесплатен превоз – додава Аргировски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.