Македонски лекари ќе одат на обука во Гинеколошката болница во Ливерпул. Согласноста е постигната денеска при посетата на премиерот Никола Груевски на тој медицински центар, која е дел од заложбите на Владата на РМ за остварување соработка со врвни медицински установи од повеќе специјалистички области.
– Премиерот Груевски истакна дека Гинеколошката болница во Ливерпул е најголемата од тој вид во Англија, а воедно и најголема во Европа. Тој посочи дека се работи за врвен медицински и научен центар кој врши сериозни анализи и научни истражувања и токму затоа се договори соработка за испраќање македонски лекари во болницата во Ливерпул со цел изучување на најсовремените медицински методи. Во втората фаза се предвидува и доаѓање на доктори од болницата во Ливерпул во Македонија со цел да го пренесат своето знаење на македонските колеги, соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста.
Директорката на Гинеколошката болница во Ливерпул Мишел Турнер истакнала дека болницата е една од најголемите и најреномираните во својата област и има одлична репутација.
– Таа посочи дека еден од водечките принципи на болницата е да се поддржат државите кои посветуваат внимание на развивање на гинеколошките процедури. Турнер посочи дека болницата која ја раководи во иднина ќе соработува и ќе помогне на Македонија во развивањето на медицински процедури преку обука на доктори и останат медицински персонал, информира прес-службата на Владата на РМ.
Менаџментот на болницата го запознал Груевски со перформансите на Гинеколошката болница, чиј значаен дел од интересот на работа е примена на најсовремените методи за лекување и развој на медицинската наука во сферата на гинекологијата.
Во болницата годишно се раѓаат над 8.000 бебиња и се изведуваат над 10.000 гинеколошки процедури и операции. Неонаталошкиот оддел е еден од најдобрите во Велика Британија, а се вршат по шест ин витро процедури дневно. Оваа болница поседува врвна лабораторија за генетски истражувања. За сите тие области се планира испраќање на доктори за усовршување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.