Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска се обрати на Глобалниот економски форум 2014 кој се одржува во Ливерпул, Велика Британија. Пред репрезентативна публика составена од лидери во областа на бизнисот и политиката, и врвни авторитети од академската сфера, македонскиот премиер ги образложи своите видувања за темите од областа на финансиите и економското управување и ги презентираше владините реформи за унапредување на бизнис климата, привлекувањето на нови инвестиции и отворањето на нови работни места.
Премиерот Груевски ја истакна долгогодишната макроекономска стабилност со ниска инфлација како основни макроекономски параметри кои обезбедуваат подлога за суштинските реформи. Тој посочи дека во 2013 година БДП оствари стапка на раст од 3,1 отсто, што е четврт највисок раст во Европа, а во првиот квартал од 2014-та година државата постигна раст на БДП од 3,9 отсто што е највисок во Европа за овој период, истакнувајќи дека високиот износ на капитални инвестиции од Буџетот, реализацијата на странските инвестиции и поддршката на приватниот сектор со евтини финансиски инструменти се од голем придонес за остварените позитивни економски резултати.
Премиерот Груевски во своето обраќање истакна дека еден од врвните приоритети во економската агенда на Владата беше и останува привлекувањето на странски инвестиции, за што се осврна на презентација на најниските трошоци за водење бизнис кои Македонија ги нуди за инвеститорите, пристапот до повеќе милионските пазари обезбедени со договорите за слободна трговија, и поволностите кои се нудат во технолошко-индустриските развојни зони.
Беа истакнати и реформите во образованието кои резултираат со квалификувана работна сила потребна за обезбедување на економскиот развој. Беше истакнато дека инвестициите во образованието се на ниво од околу 5-6 отсто од БДП, што е на ниво на ОЕЦД земјите, а беа посочени и воведувањето на задолжително средно образование, отворањето на бројни факултети низ земјата, проектот компјутер за секое дете во земјата, воведениот предмет англиски јазик од прво одделение и учењето на втор странски јазик од шесто одделение, обезбедените лаборатории за државните факултети и институти, давање на целосна стипендија за секој државјанин кој ќе успее да се запише на врвните најреномирани светски универзитети.
Претседателот на Владата Груевски посочи дека токму како резултат на ваквите мерки се постигна и раст на реномираните мерења кои се прават во сферата на економијата, како што е извештајот на Светска Банка „Дуинг бизнис“ каде Македонија четири пати се најде меѓу топ 10 најдобри реформатори во светот, при што во 2010 и 2012 година беше рангирана како трет најдобар реформатор во светот, годинешното рангирање на 25-то место во свет, што е напредок за 69 позиции за период од 7 години, со што Македонија е најдобро рангирана земја во регионот и подобро рангирана од 19 земји членки на ЕУ.
Беа посочени и напредувањата на листите за водење бизнис на магазинот „Форбс“ каде се бележи напредок од 46 места, напредокот од 35 места според Индексот за економски слободи на фондацијата „Херитиџ“ напредокот од 21-то место според Индексот за глобалната конкурентност, и најновата позиционираност на 29-тото место во светот според извештајот на реномираниот „Форин Полиси“.
Премиерот Груевски се осврна и на значајноста на фактот на соработката на Владата и стопанските комори и бизнис заедницата при креирањето на политиките за подобрување на бизнис климата, и на достапноста и подготвеноста на Владата за излегување во пресрет на потребите на инвеститорите и компаниите.
Груевски испрати порака до инвеститорите да ја посетат Македонија и да ја внесат земјата во анализите и размислувањата за ширење на нивниот бизнис, и да се уверат дека Македонија нуди големи можности, но и да разговараат со компаниите кои се веќе присутни во Македонија и да го слушнат нивното искуство како најдобар гарант за овозможените добри услови.
Денешниот настан го отвори извршниот шеф на организацијата Интернационална бизнис и дипломатска размена Руди Гуразиу кој посочи дека Глобалниот форум е одлична прилика на отворена сцена да се чујат и презентираат можностите за инвестирање и достигнувањата кои се прават во насока на економскиот развој.
Глобалниот економски форум кој се одржува во Ливерпул е дел од Интернационалниот фестивал за бизнис кој се одржува во јуни и јули, а кој претставува збир на најголемите економски настани за тековната година, каде има голема концентрација на инвеститори, економисти и менаџменти од реномирани компании.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски