| четврток, 6 декември 2018 |

Започна изградбата на површинската фонтана на плоштад „Македонија“ (ФОТО)

Екипите на Град Скопје веќе работат на изведбата на површинска, таканаречена сува фонтана или џампинг џет на плоштадот „Македонија“, на просторот меѓу фонтаната „Воин на коњ“ и влезот во Камениот мост.

plostad fontana

Фонтаната, како што информира Град Скопје, ќе биде со правоаголна форма, со димензии 20 на 10 метри и вкопано армирано-бетонско корито. Површината врз армирано-бетонското корито ќе биде изработена од светлосиви гранитни плочи со димензии 60 на 60 сантиметри и со дебелина од 10 сантиметри.

На плочите од фонтаната ќе бидат поставени ЛЕД со отвори за вградување млазник. Фонтаната ќе ја сочинуваат 128 млазници со 128 светилки. Визуелниот ефект на фонтаната ќе се постигне со игра на млазевите, а навечер и со игра на светлина.

plostad fontana 2

Во близина на фонтаната ќе се изведе комора/машинска хала во која ќе се постави неопходната опрема за работењето на фонтаната: сензори, скимери, филтри, сонди и друго.

Покрај изведбата на површинска фонтана на плоштадот „Македонија“ ќе се изврши и реконструкција на партерот на плоштадот.

Водата што прска од млазниците ќе понира меѓу плочите и ќе се враќа во системот. Атмосферските води од партерот преку каналетки ќе се одведуваат преку постојната атмосферска мрежа.

plostad fontana

Реконструкцијата на партерот на плоштадот „Македонија“ ќе се врши етапно, за да се овозможи непречено движење на пешаците во текот на градежните работи. Фиксно оградено градилиште ќе се формира околу просторот за новата површинска фонтана, а другите делови ќе се обновуваат во фази.

Проектот за изградба на површинската фонтана и за реконструкција на партерот на плоштадот „Македонија“ е на Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови – Прилеп, а на терен ќе работат екипите на градежната компанија „Трансмет“ од Скопје. Овој проект ќе чини околу 150 милиони денари, од кои Град Скопје ќе обезбеди една третина од средствата, а Владата на Република Македонија – две третини од средствата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top