| четврток, 6 декември 2018 |

Скандалозен и нехристијански потег на владиката Петар во Австралија

Скандалозен и нималку христијански потег на владиката г. Петар, со кој го допре дното на поделбите меѓу македонците во Австралија. Австралиско-новозеландскиот администратор, владиката г. Петар му забранил на својот свештеник да погреба Македонка, само затоа што таа не била дел од неговата, туку од црквата со која управува владиката г. Тимотеј, па погребот го извршил свештеник на Украинската Црква.

petar

Настанот пред два дена се случил во Перт во Австралија.

-Тоа е дното до кое не донесе владиката Петар. Да одбиеш да погребаш македонски верник, само затоа што тој не ја посетувал твојата, туку црквата на другиот Архиереј од истата црква, во најмала рака е срамно и во себе нема ништо христијански. Тоа е резултатот од поделбите што ги произведува владиката Петар веќе две децении во Австралија, револтирано реагираат Македонците на Австралискиот континент.

Имено, свештеникот Станко Јовановски кој служи во црквата Св. Никола, која е под надлежност на г. Тимотеј морал да замине на пат за Македонија. Бидејќи ќе бил отсутен повеќе од неколку денови се договори со свештеникот Веско Каранфиловски од другата црква Св. Никола, која е под ингеренции на Владиката г. Петар, да го замени ако има некоја неодложна потреба.

Во меѓувреме починала една Македонка која требало да биде погребана. Врз основа на договорот меѓу светшениците, погребот требало да го изврши свештеникот Каранфиловски и тука се случува скандалот. Свештеникот одбил да го изврши погребот, со образложение дека Владиката г. Петар не му дозволува.

– Нема што мојот поп да погребува таму некој од друга црква, било образложението на г. Петар, кога свештеникот побарал дозвола да ја погреба Македонката која починала.

Во таква ситуација, семејството на починатата Македонка, при две македонски цркви во Перт, побарало опелото и погребот да го извшрши свештеник на Украинската црква, кој нормално без никакви проблеми тоа и го сторил.

Претседателот на Македонската црковна општина за Западна Австралија Перт, Крис Ангелковски го потврдува настанот кој се случил, потенцирајќи дека ова е грозен и антимакеоднски потег на владиката г. Петар.

-Една наша членка и верничка Јана Филевичина почина пред 4 дена. Кога го побаравме попот Веско да ни служи на погребот тој ни одговори дека тоа не може да го стори. Не знаеме зошто. Не знаеме дали тој самиот решил така или му било наредено од Јовица Симоновски, заменикот на владиката Петар или од самиот владика Петар Каревски. Бевме приморани да викнеме украински поп за да ја погребе жената. Има ли поголеми антимакедонски срамоти и погрозни глупости од ова што го прави Петар Каревски и неговите попови – вели Ангелковски.

За целиот овој случај ќе биде известен и Синодот на МПЦ-ОА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top