Во судирите меѓу полицијата и одгледувачите на канабис во албанското место Лазарат уапсени се шестмина напаѓачи на полицијата, а еден припадник на единицата за брзи интервенции е ранет, јавија албанските медиуми.
Полицијата ја продолжува акцијата во Лазарат, која ја почна во неделата вечерта. Полициски извори изјавија дека рано изутрината од селото Дервицан кај Ѓирокастро во правец на селото Лазарат, во кое состојбата и натаму е тензична, се упатиле пет блиндирани возила.
Вкупно 800 полицајци од Тирана, Ѓирокастро, Фјер, и Скадар, како и припадници на РЕНЕА, Делта одредот и специјалци напредуваат од куќа до куќа и ја преземаат контролата врз ситуацијата, а пукотниците не престануваат ниту денеска.
Во соопштението на албанската полиција се вели дека специјалните сили се дочекани со напади од тешко оружје, противтенковски ракети, митралези и минофрлачи.
Министерот за внатрешни работи на Албанија, Саимир Тахири изјави дека полицијата и објавила војна на мафијата и криминалот и оти кога е во прашање Лазарат, нема откажување. Тој бараше од населението на ова село да се дистанцира од криминалците, а од напаѓачите да го отфрлат оружјети и да се предадат.
Албанското село Лазарат го носи епитетот „фабрика за марихуана“ со годишно производство од околу 900 тони канабис и годишен извоз на дрогата со пазарна вредност од 4,5 милијарди евра, што е половина од бруто домашниот производ на оваа балканска земја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.