Нова населба никнува во периферијата, која ја создаваат млади двојки, кои наместо помал стан во центарот, избрале да изградат куќа во приградските населени места.
Општина Илинден во селото Марино пред две години продаде 24 плаца, од кои на 11 во моментов се градат новите домови, а три се веќе вселени. Идните жители на Марино велат дека сакаат мир и спокој, далеку од градската џунгла, што е главната причина што бегаат во приградските делови, пишува „Дневник“.
Овде свој дом градат млади луѓе од Скопје и од други градови во државата. Темелите на својата куќа пред три дена ги постави 33-годишниот Ристе Атанасов, кој е од Радовиш, а работи во Министерството за транспорт во Скопје. Се надева дека во ноември куќата ќе биде готова.
– Се решив да изградам овде бидејќи условите што ги даваат Владата и Општина Илинден се многу поволни. За истата површина на куќа што ќе ја изградам овде, во Скопје би добил помал стан. Kомуналиите за градба се ниски – вели Атанасов и додава дека во Скопје е пет години и живее под кирија.
– Наместо за кирија, со парите ќе исплаќам рати и ќе си го решам станбеното прашање. Нешто ми помага и мојот татко. Овде ги има сите потребни содржини и услови за еден млад човек да формира семејство. Има градинка, дом на култура, библиотека, спортски игралишта, спортска сала, основно и средно училиште – вели Атанасов.
Малку подалеку од него куќа гради и 36-годишниот Сашко Младеновски. Тој живее во центарот на населбата Илинден, но решил да изгради куќа и во Марино бидејќи е помирно.
– Ми се допадна локацијата и решив да градам овде. Според урбанистичкиот план, веднаш спроти мојот плац е предвиден парк со клупи за седење и детско игралиште, како и деловни објекти. Треба да се средат и одводот и патот – вели Младеновски.
Во Општина Илинден велат дека во близина е економската зона Марино-Kадино каде што ќе се отвораат нови погони, а во кои може да се вработат младите луѓе што ќе се населат во овој дел од Скопско. Градоначалникот на Илинден Жика Стојановски смета дека Општината ги понудила сите услови за добар живеење.
Плацовите беа продавани по почетна цена од 128 денари за квадратен метар. Тие се со површината од 350 до 550 квадрати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.