| четврток, 6 декември 2018 |

Претседателот Иванов на промоција на книгата „Камбана – Пупиновата дипломатија“ во МНТ

Книгата „Камбана – Пупиновата дипломатија“ од српскиот публицист Жељко Шајн беше промовирана денеска во Македонскиот народен театар, по повод одбележувањето на 160-годишнината од раѓањето на Михајло Идворски-Пупин (1854 – 1935), физичар, научник и дипломат.

Gjorgje Ivanov za Pupin (Custom)

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во обраќањето пред присутните рече дека дека во годината кога одбележуваме еден век од почетокот на Првата светска војна, на сите нас во Македонија, на Балканот и на Европа потребни ни се брилијантни иноватори кои со својот ум ја менуваат реалноста и светот, потребни се дипломати кои со својот морален и професионален авторитет го освојуваат јавниот простор, како и луѓе со отворен ум кои поврзуваат наместо да разединуваат. Тој посочи дека на светот насушно му се потребни искрени хуманитарци, шампиони на малите народи, борци за човекови права и за човечко достоинство, луѓе кои се длабоко
свесни за минатото, а притоа недвосмислено насочени кон менување на сегашноста и создавање на подобра иднина.
– Пред 160 години се роди еден човек во кој беа сплотени сите овие вредности, способности и одлики. Потекнувајќи од влашко семејство кое од Москополе, преку Вевчани во Македонија се насели во Идвор во Србија, Михајло Пупин стана успешен во Америка, од каде почна да го менува светот. Како врвен научник и иноватор, го вложи својот брилијантен ум во поврзувањето на светот. Цел еден век луѓето од различните континенти можат телефонски да комуницираат, меѓу другото, благодарение на Пупиновиот калем, еден од неговите многубројни пронајдоци, рече Иванов.
Pupin Promocija vo teatar 03 (Custom)

Како добротвор, истакна Иванов, тој и ден денес воодушевува со неговата отвореност, пристапност и грижа за другите луѓе.
– Пупин успеа да го победи успехот и остана скромен, приземен, и секогаш подготвен да им помогне на сите оние кои ја барале неговата поддршка. Сето тоа го постигна благодарение на неговата животна филозофија на усогласување и поврзување меѓу луѓето, народите и државите. Филозофија која ни е насушно потребна денес, повеќе од кога било порано. Михајло Пупин претставува пример за тоа како да се усогласуваме, како да се поврзувам и обединуваме во остварувањето на споделените благородни цели, рече Иванов.
Додаде дека преку својот живот и своето дело, тој и денес симболично ги поврзува Балканот, Европа и светот во нова надеж, надеж дека со визионерство, иновативност, креативност и посветена работа можеме да им оставиме подобра иднина на нашите потомци.
Амбасадорката на Република Србија во Република Македонија, Душанка Дивјак-Томиќ рече дека Пупин е заслужен што вредностите по кои бил и останал препознатлив и даваат на современата цивилизација подоинствена и похумана нота поттикнувајќи нова позитивна енергија. Таа посочи дека хуманоста е нешто што го носиш во гените или природата тоа едноставно не ти го подарила. Pupin Promocija vo teatar 01 (Custom)

Хуманоста и солидарноста со сите кои зависат од туѓата помош, како што нагласи, е она што Пупин го прави голем.
– Тој дел од Пупин асоцира на еден актуелен момент на мојата и Пупиновата Србија во момент кога со Србија и нејзиниот народ природата се поигра. Духот на хуманоста и солидарноста по кои Пупин беше препознатлив повторно се подигнати високо на
пиедесталот на неминливи вредности. Тоа ме обврзува и во овој свечен момент да потсетам на сите оние кои својата хуманост и солидарност ја поделија со илјадници недолжни жртви на катастрофата која ја зафати Србија, додаде Дивјак-Томиќ.
Akademici na promocija Pupin (Custom)

Извадоци од книгата беа презентирани преку театарското парче кое го играа Емил Рубен како Пупин и Сабина Ајрула – Тозија, како мајката на Пупин. Свој настап имаше и групата Гарави Сокак од Војводина.
Pupin Promocija vo teatar 04 (Custom)

Организатори на промоцијата беа амбасадите на Република Србија, Република Хрватска, и на Босна и Херцеговина во Република Македонија, како и Македонскиот народен театар.

Amdi Bajram na promocija (Custom)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top