Роберт де Ниро, познатиот холивудски актер, ја отвори душата и за магазинот „Аут“ говореше за својот починат татко, за кого сними и документарен филм.
Иако е познат по улогите на гангстер, полицаец, боксер и мафијаш, Роберт де Ниро ретко говорел за својот семеен живот. Сепак, пред премиерата на документарниот фолм за својот татко „Remembering The Artist Robert De Niro Sr“, која е закажана за јуни на телевизијата „Ејџ-Би-О“, оскаровецот даде едно исклучително искрено интервју за магазинот „Аут“.
Актерот го опишува својот татко, кој починал од рак на белите дробови пред 20 години, како голем уметник, збунет за својата сексуална ориентација. Неговиот татко ги напуштил него и неговата мајка бидејќи не можел да живее во лага откако си признал себеси дека сака мажи.
– Веројатно бил во конфликт сам со себе, посебно кога ќе земеме предвид каква генерација било таа. Како мал не бев премногу свесен за тоа. Би сакал да разговаравме многу повеќе за тоа. Мојата мајка генерално не збореше многу, а мене во тие години тоа не ме ни интересираше – вели актерот.
Признавајќи дека таа тема го прави емотивен, седумдесетгодишниот актер вели: „Не бевме татко и син кои играат заедно кошарка. Но, имавме некоја специјална врска. Не поминував многу време со него, бидејќи се разведоа со мојата мајка. Сепак, како што кажувам во документарецот, секогаш се грижев за него. Ме обожаваше, исто како што и јас ги обожавам моите деца“.
Роберт де Ниро приказната за својот татко ја раскажа благодарение на читањето на неговиот дневник. Кога го прашале дали со овој филм му оддава признание на својот татко, тој одговори дека тоа му е обврска.
– Сакам моите деца да застанат за момент и да сфатат дека некои работи мора да ги направат сега наместо подоцна затоа што подоцна може да биде 20 години од денес, а тогаш е премногу доцна – заклучува легендарниот актер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.