Збратимувањето на градовите од различни држави да се искористи за зајакнување на економската соработка и нови инвестиции, порачаа учесниците на „Балканската конференција на збратимени градови“, што се одржува од денеска во Скопје.
Конференцијата обедини учесници во програмата за средношколска размена помеѓу Скопје и Тампа од Аризона, што се реализира веќе 40 години, по збратимувањето на двата града во 1971 година. Со претставници на Владата и на градските власти ги претставија видувањата за придобивките од збратимувањето на градовите и зајакнувањето на врските на сите полиња.
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, збратимувањето и соработката на македонските со градови од САД, е важно за натамошно зајакнување на врските помеѓу граѓаните и бизнисте. Ќе го унапреди развојот на економијата, локалниот економски развој и ќе овозможи креирање нови работни места.
– Во услови кога во Македонија влегуваат странски инвестиции, кои треба да помогнат за зголемување на економскиот потенцијал и конкурентноста на земјата, се јавува потреба од нови профили и стручни кадри. Во таа насока ја гледам натамошната активност за оваа иницијатива за натамошна соработка помеѓу општините од Македонија и САД бидејќи на тој начин може да се подобри размената на искуствата, да се стекне не само образование, туку и практично искуство за тоа како се спроведуваат одредени политики во САД, особено во делот на апликативното истражување, иновациите, претпримеништвото, она што е најзначајно и што ги движи економиите и што создава динамичен економски развој, рече Ставрески.
Набројувајќи примери за компании од САД кои инвестирале во Македонија, вицепремиерот ги наведе „Џонсон контролс“, која првин изгради фабрика во Скопје, а потоа и во Штип, со вкупни инвестиции од 60 милиони долари и 1.850 вработувања, „Кемет електроникс“ во Скопје, инвестиција вредна 35 милиони долари со 500 вработувања, „Амфенол“ која започна со производство во Кочани и се очекуваат 1.500 вработувања и компанијата КСС (Key Safety Sistems) која наскоро ќе започне со изградба на фабрика во Кичево и ќе отвори 1.000 нови работни места.
Странските директни инвестиции во Македонија, како што рече Ставрески, се резулат на активните политики и реформи на македонската Влада. Од 2007 година заклучно со првиот квартал годинава приливот по основ на СДИ изнесува 2,7 милијарди долари, односно близу 2 милијарди евра.
Порака за искористување на можностите од збратимувањето на градовите и програмите за размена упати американскиот амбасадор во Скопје Пол Волерс . За разлика од 1971 година, кога почнале соработката на Скопје и Темпи, според Волерс, можностите сега се многу поголеми благодарение на модерната технологија за комуникација.
– Програмите за размена може да спојат купувачи, продавачи, инвеститори, претпримачи, и да создадат посебни економски врски помеѓу градовите од двете држави. За многу градови открив дека од врските со збратимените градови имаат многу економски придобивки, рече Волерс.
Сите што биле дел од програма за размена, нагласи, треба да ги раскажат своите искуства за да има повеќекратни ефекти. – Како претставник на општина којашто веќе има збратимен однос со некој град во Америка ве поттикнувам да инвестирате за да создадете повеќе и подобри можности за луѓето во вашиот град, ако вашиот град нема таква врска нема пречка за да не го направите тоа, рече Волерс, истакнувајќи дека најуспешните програми се тие со силни меѓународни врски.
Претседателот на организацијата на збратимени градови од Темпи, Ричард Њухајзел, потсети дека првата соработка на Скопје и Темпи се реализирала во 1971 година, со меѓусебна размена на по четири студенти во двата града. – Ние сме горди на нив и на сите 160 лица од Скопје кои го посетија Темпи, наведе Њухајзел, посочувајќи дека зад тие луѓе има многу успеси.
Според скопскиот градоначалник Коце Трајановски, збратимувањето на Скопје со пријателскиот град Темпи е одличен пример за останатите градови од Балканот и од САД, да се поврзат и да ја подбрат економската и социјалната клима. – Градот Скопје во изминатите години доживува интензивен развој благодарение на економската состојба и инвестициите, а стана и важна туристичка дестинација, а ве уверувам ќе биде уште поважна во следниот период, рече Трајановски.
Скопје, додаде, во изминатите години има изградено богата меѓународна сорабтка, збратимен е со 18 градови, но негува контакти и со многу други градови од целиот свет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.