| четврток, 6 декември 2018 |

МОН: Прашањето за “Перо и Мира“ извадено од контекст

Во изминатите неколку денови во дел од медиумите беа објавувани прилози со кои се прави обид за дискредитација на процесот на екстерното тестирање на учениците, преку квалификување на дел од прашањата како нелогични и несоодветни за учениците на одредена возраст, реагира Министерството за наука.

Според нив , последниот пример е прашањето ,,Во клупата пред Перо седи Мира. Таа си врза панделка на плетенката. Перо мисли како да ја повлече Мира за плетенката. Учителката ја повика Мира да излезе на табла.“ Со кое прашање ќе дознаеме за намерата на Перо?

– Би сакале да потенцираме дека се работи за прашање наменето за учениците од 4то одделение во деветгодишно основно образование. Прашањето е изведено од текст во одобрен учебник по македонски јазик за 4то одделение и истото е во согласност со развојните карактеристики на учениците на оваа, во просек 9 односно 10 годишна возраст. Целта е да се препознаат основните синтаксички категории согласно наставната програма по македонски јазик за 4то одделение. За жал, ниту еден од медиумите коишто го оспоруваат и критикуваат ова, но и други прашања од системот, не ја погледнал наставната програма и учебникот од којшто прашањето е изведено, со што јасна е намерата за вулгаризирање на прашањата и искривување на нивната суштина и значење, стои во реакцијата на МОН.

Од таму потенцираат дека очигледно е дека за некои општествени чинители поголема вредност имаше системот во некое друго време, кога оценките се добиваа со притисоци и закани врз просветните работници, чијшто општествен углед и достоинство на професијата беа сведени на минимум и системот во кој децата стекнуваа навики дека било која цел во животот може да се постигне благодарение на моќта на родителите, без личен влог на енергија, труд и време.

Според МОН екстерното тестирање е значајна и долгорочна реформа која има за цел да создаде образовен систем и општество на знаење и таа реформа нема да зависи од тесноградите и дневнополитички агенди на било кого.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top