Австриски компании се заинтересирани за инвестиции во прехранбената индустрија и енергетскиот сектор во Македонија. На македонските компании
им нудат машини и опрема, како и помош со пренос на знаења за исполнување на неопходните стандарди потребни за подобар пласман на производите на странските пазари.
Плановите и можностите за инвестирање беа тема на денешните бизнис средби и презентации на австриски и македонски компании, во организација на стопанските комори на Македонија и на Австрија.
Арпар Колар, претставник на фирмата за производство на пијалоци „Меј“ смета дека Македонија нуди добра основа за различни видови инвестиции. Нивната компанија, како што информира, е во преговори за соработка со Пивара Скопје, Прилепската пиварница и со Винарската визба Тиквеш.
– Во последните години гледаме добар развој. Интересот на странските инвестиции е се поголем за Македонија. Најмногу сме заинтересирани за инвестирање во индустријата за производство на прехранбени производи и во енергетскиот сектор – изјави Колар.
Михајло Коневски, претставник на компанијата за одгледување и преработка на лековити билки „Флорекс“, очекува соработка со австриските компании со пренос на знаења за исполнување на потребните стандарди на производите.
– Во Македонија се уште недостасува консалтинг во подготовка на производството, одгледувањето и преработката. Сите конкурентски компании кои доаѓаат од другите држави полесно ги постигнуваат стандардите, а ние не можеме да ги пласираме нашите производи по такви конкурентски цени како што ги пласираат другите – изјави Коневски.
Проблем на македонските компании, појасни, е што се уште не можат да се прилагодат на стандардите кои ги бара ЕУ и немаме доволно знаење како да ги направиме производите поконкурентни на тие пазари. – Моментно од Македонија има доста производи кои се извезуваат на странските пазари, но тие се или со делумно исполнети стандарди или со несоодветни можности за пласирање на тој пазар – посочи Коневски.
Трговската размена на Македонија и Австрија лани достигнала 190 милиони долари, а во првиот квартал бележи раст од 46 проценти и изнесува 45 милиони американски долари. Австрија е на второ место по инвестиции кои во 2012 година изнесуваа 81,7 милиони долари. Најголемиот дел од австриските компнаии кои досега инвестирале во земјава се во осигурителниот пазар и банкарскиот сектор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.