Руската нацрт-резолуција со која се бара моментален прекин на огнот во Украина и воспоставување хуманитарен коридор на истокот од земјата, наиде на критики од Западот и студен прием во Советот за безбедност на ОН.
Русија овој документ го претстави вчера на почетокот на своето едномесечно претседавање со Советот за безбедност.
Тврдењата на Москва дека сака да го запре насилството во Украина, наидоа на жестоко отфрлање од страна на Вашингтон. Стејт департментот ваквиот предлог го нарече „лицемерие“, оценувајќи дека Русија не направила ништо за да ги спречи сепаратистите во Украина постојано да напаѓаат нови цели и како заложници да држат набљудувачи на ОБСЕ.
Во руската нацрт-резолуција, што беше претставена вчера пред Советот за безбедност, се бара „моментален прекин на непријателствата“, а кон оние кои учествуваат во борбите се апелира да се ангажираат на „оддржлив прекин на огнот“.
Со рускиот предлог се бара и создавање хуманитарен коридор за цивилите кои сакаат да можат безбедно да го напуштат подрачјето на непријателствата и за да се обезбеди непречено снабдување со основни намирници.
Британскиот амбасадор во ОН, Марк Лајал Грант, по едночасовните консултации зад затворени врати, изјави дека има мала поддршка за рускиот нацрт документ во форма каква што е понудена.
– Нема недостиг на храна, нема опсада на градови, така што не е сосема јасно со што би се оправдало создавањето хуманитарни коридори – смета Грант.
Рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин, од своја страна, истакна дека нацрт-резолуцијата наипла на „извесни позитивни реакции и поддршка“, но дека Москва се уште не донела одлука за своите натамошни чекори во поглед на работата врз нејзиниот текст.
Чуркин одби да се повлекува паралела меѓу Украина и Сирија, истакнувајќи дека Русија го поддржа локалниот договор за хуманитарни коридори и во Сирија.
Москва четирипати ставаше вето на резолуцијата на Западот за Сирија, со која се осудуваше режимот во Дамаск.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.